Триумфот на гостувањето кај Андора ја доведе Англија на чекор од директен пласман на Светското првенство во Катар, нешто што и дефинитивно се очекува од избраниците на Саутгејт во групата во која се апсолутни фаворити.

Англичаните остварија лесна победа од 0:5 на „Естади Насионал“, а интересно, во листата на стрелците се запишаа пет фудбалери. Чилвел и Сака стрелаа во првото полувреме, додека Ејбрахам, Ворд Праус и Грилиш постигнаа уште три гола во вториоте 45 минути за конечни 0:5.

Од другите натпревари, за издвојување е тешката победа која ја оствари Србија на гостувањето кај Луксембург, а со која нашиот сосед го презема статус на лидер во групата А, преминувајќи ја Португалија.

Влаховиќ го скрши отпорот на Луксембург и Србија едвај стигна до планирани три бода на гостувањето, по кое фудбалерите на Стојковиќ имаат 14 освоени бода, еден повеќе од Португалија која денеска беше слободна.

Данска со 4-0 ја потопи Молдавија на гостувањето и тоа за само едно полувреме во кое Сков, Кјаер, Норгард и Меле погодија во втората половина од првиот дел во периодот од 23-та до 44-та минута.

Полска имаше само лесен тренинг со Сан Марино и победи со 5-0, а победи и Швајцарија со 2-0 против Северна Ирска, како и Австрија со 2-0 на Фарските острови.

Голема победа запиша Албанија во Унгарија со 1-0 со гол на Броја на десет минути пред крајот, по што Албанците стигнаа до второто место во битка за баражот за пласман на СП.

ГРУПА А

Луксембург – Србија 0-1, Азербејџан – Р. Ирска 0-3, Португалија слободна

ТАБЕЛА: Србија 14 (6 меча), Португалија 13 (5), Луксембург 6 (5), Р. Ирска 5 (6), Азербејџан 1 (6).

ГРУПА Ц

Швајцарија – Северна Ирска 2-0, Литванија – Бугарија 3-1, Италија слободна

ТАБЕЛА: Италија 14 (6 меча), Швајцарија 11 (5), С. Ирска 5 (5), Бугарија 5 (6), Литванија 3 (6).

ГРУПА Ф

Фарски Острови – Австрија 0-2, Молдавија – Данска 0-4, Шкотска – Израел 3-2

ТАБЕЛА: Данска 21, Шкотска 14, Израел 10, Австрија 10, Ф. Острови 4, Молдавија 1

ГРУПА И

Андора – Англија 0-5, Полска – Сан Марино 5-0, Унгарија – Албанија 0-1

ТАБЕЛА: Англија 19, Албанија 15, Полска 14, Унгарија 11, Андора 3, Сан Марино 0