Земјотресот со сила од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија веројатно ќе биде еден од најсмртоносните оваа деценија, велат сеизмолозите. Што велат тие за тоа што се случило под површината на земјата и што да се очекува:
Каде потекнува земјотресот?
Епицентарот на земјотресот бил на околу 26 километри источно од турскиот град Нурдаги на длабочина од околу 18 километри на Источноанадолскиот расед.
Земјотресот се ширел кон североисток, што донесе пустош во централна Турција и Сирија.
Во текот на 20 век, овој расед давал малку поголема сеизмичка активност. „Доколку одиме едноставно по големите земјотреси што се забележани со сеизмометри, тоа би изгледало повеќе или помалку празно“, вели Роџер Мусон, научен соработник во Британскиот геолошки институт.
Само три земјотреси се регистрирани над 6,0 степени според Рихтеровата скала од 1970 година во областа, покажуваат белешките на Геолошкиот институт на САД.
Но, во 1822 година, земјотрес од 7 степени го погоди регионот, при што загинаа околу 20.000 луѓе.
Колку беше лош овој земјотрес?
Во просек, има помалку од 20 земјотреси со јачина од 7 степени во секоја година, што го прави овој потрес за тежок.
Споредено со земјотресот со јачина од 6,2 што ја погоди централна Италија во 2016 година и уби околу 300 луѓе, земјотресот меѓу Турција и Сирија ослободи 250 пати повеќе енергија, наведува Џоана Фор Вокер, раководител на Институтот за намалување на ризици и катастрофи на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Само два од најсмртоносните земјотреси од 2013 до 2022 година беа со иста јачина како земјотресот во понеделникот.
Зошто беше толку силен?
Раседот на Источна Анадолија е таканаречен ударен расед. Цврстите карпести плочи се туркаат една против друга преку вертикална линија на раседот, создавајќи потрес додека не се лизне конечно во хоризонтално движење, ослободувајќи огромно количество напор што може да предизвика земјотрес.
Раседот Сан Андреас во Калифорнија е можеби најпознатиот ударен расед во светот, а научниците предупредуваат дека веќе одамна требаше да дојде до катастрофален земјотрес. Првичниот удар на турско-сирискиот земјотрес започна на релативно мала длабочина.
„Тресењето на површината на земјата тогаш е посилно отколку за подлабок земјотрес со иста магнитуда на изворот“, вели Дејвид Ротери, геонаучник од Отворениот универзитет во Британија.
Какви афтершокови може да се очекуваат?
Единаесет минути по првичниот земјотрес, регионот беше погоден од последователен потрес со јачина од 6,7 степени.
Неколку часа подоцна се случи земјотрес со јачина од 7,5 степени, а потоа следеше уште еден од 6,0 степени.
„Она што сега го гледаме е дека активноста се шири на соседните раседи. Очекуваме сеизмичноста да продолжи некое време“, вели Мусон.
По смртоносниот земјотрес во 1822 година, последователните потреси продолжија и следната година.
Колкав може да биде конечниот биланс на загинатите?
Во земјотреси со слична магнитуда во населени места гинат илјадници луѓе.
Најголемиот земјотрес според бројот на жртви во 20 век е регистриран на 1976 година во кинеската провинција Тангшан.
Се проценува дека катастрофата однела над 650 илјади жртви. Севкупно, 3 од 5 најголеми земјотреси во светската историја се случиле на кинеско тло.
Во последните две децении е регистриран и еден од најсилните земјотреси според магнитудата- оној кој ја погоди Суматра во 2004 година со јачина од 9,1-9,3 степени.
Земјотресот со јачина од 7,8 степени во Непал во 2015 година однесе речиси 9.000 животи.
„Нема да биде добро. Може да има десетина илјади“, вели Мусон. Студеното зимско време, додаде тој, значи дека луѓето заробени под урнатините имаат помали шанси да преживеат.
Извор: РСЕ