Поранешниот вицепремиер за економски прашања Зоран Ставрески ќе му дели совети на актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими во советот што ќе се формира како експертско тело и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за коишто е потребен консензус во општеството, пишува Фактор.

Иницијатори покрај Бесими и Ставрески за ваквво советодавно тело се поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Трајко Славески и Кирил Миноски. Советот на поранешни министри за финансии ќе претставува тело кое ќе функционира како дел на Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ.

Зоран Ставрески, некогашниот министер за финансии во владите на Никола Груевски, го немаше долго време во јавноста се додека не беше обелоденето дека заедно со Оливер Шамбевски, некогашен портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, кој потоа беше и амбасадор на земјава во Кина, ќе бидат во работното тело што го формира опозициската партија, со цел да го мониторира работењето на новите градоначалници од партиските редови и остварувањето на предвидените проекти во општините што ги раководат.