Женската ракометна репрезентација на Македонија доживеа убедлв пораз од Црна Гора со 21-29, во првиот натпревар од Евро-купот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Почетокот на мечот беше тврд, особено тежок за македонската репрезентација, првиот гол го дадовме дури во 11. минута, дотогаш Црна Гора имаше три погодоци. Првото полувреме заврши со 13-9 за гостинската селекција.

Во вториот дел Македонија повторно одигра неколку добри минути и дојде на само минус еден (17-18) во 40-тата, но потоа следеше налет на Црногорките со четири гола едноподруго. Савевски менуваше и комбинираше во составот, но дури и некои зицери до крајот не беа доволно добра ситуација за гол на Македонија, па разликата остана висока.

Јована Мицевска имаше 10 интервенции додека беше на голот, Сара Ристовска постигна шест гола, Леонида Гичевска додаде пет.

Црна Гора не беше во својот најсилен состав, а прв стрелец на мечот беше некогашната „вардарка“ Итана Грбиќ со 10 погодоци. Возвратниот меч е в недела, во Никшиќ.