Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја прими денеска првата доза од вакцината против коронавирусот.

Зеленски, кој во ноември минатата година беше заразен со Ковид-19, се вакцинираше денеска во воената болница во областа Луганск, каде од 2014 година траат судири меѓу украинските сили и проруски бунтовници.

-Вакциниран сум, на првата линија на фронтот со нашите војници, напиша Зеленски на Твитер, поставувајќи фотографија со порака: „Вакцината ќе овозможи да живееме без ограничувања“.

Во Украина моментно приоритет за вакцинација имаат здравствените работници и војници.

Вакцинацијата во Украина започна минатата недела. Во земјата се користи вакцината на АстраЗенека, произведена во Индија.

Од почетокот на епидемијата во Украина се потврдени околу 1,4 милиони заразени лица и над 26.000 смртни случаи.