Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го одби повикот на рускиот претседател Путин за 36-часовен прекин на огнот за Божиќ. Тој доцна синоќа во видео обраќање рече дека Русија бара прекин на огнот како покритие за доведување повеќе луѓе и опрема во источниот регион Донбас во обид да го запре напредувањето на украинските војници.
Според него, Русите сега сакаат да го искористат Божиќ за да распоредат муниција и војници поблиску до украинските позиции.
Зеленски зборуваше на руски, а не на украински, велејќи дека Русите нема да добијат ништо од прекинот на огнот освен нови загуби.
Тој истакна дека тоа ќе биде завршено кога руските војници ќе ја напуштат Украина или кога украинските војници ќе ги исфрлат, објави „Ројтерс“.
Прес-службата на Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин наредил прекин на огнот долж целата линија на борбени дејствија во зоната за специјални воени операции од 6 јануари во 12 часот до 7 јануари на полноќ поради прославата на Божиќ.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу нареди 36-часовен прекин на огнот со почеток во 12:00 часот на 6 јануари.