Алармот за аерозагадувањето речиси секоја зима е вклучен, а енормното присуство на ПМ честички е проблем кој никако да се надмине. Градовите во Македонија се редовни рекордери на апликациите за мерење на квалитетот на воздухот на глобално ниво. Проблемот, сепак би можел да биде намален, па дури и решен преку примена на европските стандарди и регулативи за животната средина, и пред сè, со финансиска поддршка од Брисел.

Како земја членка на Европската унија, Македонија активно би била вклучена во заедничката посветеност за заштита на животната средина и контрола на аерозагадувањето во рамки на Унијата. Преку примена на европските стандарди и регулативите за животната средина, Македонија би работела и на поттикнување на одржлив развој, зачувување на природните ресурси и ублажување на влијанието на загадувањето врз животна средина.

ЕУ има директиви за борба против аерозагадувањето!

Еден од главните механизми преку кои Македонија би се усогласила со стандардите на ЕУ е преку спроведување на Директивата на ЕУ за квалитетот на воздухот. Оваа директива поставува јасни насоки за следење и контрола на аерозагадувачите, нагласувајќи ја притоа важноста од одржување на високи стандарди за квалитет на воздухот.

Дополнително, покрај стандардите за квалитет на воздухот, Македонија би имала корист и од пошироката рамка на ЕУ за заштита на животната средина, вклучувајќи и иницијативи како Акциониот план за циркуларна економија. Овој план поттикнува одговорно користење на ресурсите, намалување на отпадот и промовирање на рециклирање, усогласувајќи ја земјата со напорите ширум ЕУ за создавање поодржлива и циркуларна економија.

ЕУ нуди финансиска поддршка за заштита на животната средина

На патот кон полноправно членство Македонија би добила пристап и до значителна финансиска поддршка и заеднички проекти посветени на заштитата на животната средина. На овој начин ќе се поттикне и самата нација да инвестира во најсовремени мерки за контрола на загадувањето, зелена инфраструктура и проекти за обновлива енергија.

Како кандидатка за членство во ЕУ, досега земјава има искористено огромна поддршка од ЕУ во проекти за заштита на животната средина и климатска акција, односно околу 122 милиони евра од ИПА фондовите. Благодарение на овие средства, државата спроведува бројни активности, од намалување на енергетската сиромаштија и помош на најранливите категории на граѓани до долгорочно решавање на проблемот со аерозагадувањето и заштитата на животната средина преку изградба на систем на обновливи извори на енергија.

Како лидер во енергетската транзиција во регионот, Македонија претставува позитивен пример во регионот на Западен Балкан. Задржување на патот кон ЕУ и конечно, полноправното членство, дополнително ќе значи чиста енергија и здрава животна средина по европски стандарди.

Покрај тоа, евроинтегративниот пат ги отвори и можностите за непроценлива размена на знаење и соработка со земјите-членки. Преку размена на искуствата со своите европски колеги, Македонија ги користи најдобрите практики и начини за справување со загадувањето и енергетската транзиција.

По членството пак, на Македонија ќе и биде достапен и кохезивниот фонд за финансирање на животната средина и проектите за транспортна инфраструктура, кој сега е проширен и ги вклучува обновливите извори на енергија, меѓу-модален транспорт, како и урбаниот и јавниот превоз. Средствата од кохезивниот фонд се многукратно повисоки од тие што сега државата ги добива.

ЕУ создава чиста и одржлива животна средина!

Одличен пример за користење на европски средства во борбата против аерозагадувањето е Германија, земја основач на ЕУ. Преку спроведување на системи за следење на квалитетот на воздухот, овозможени со европско финансирање, се обезбедуваат податоци во реално време кои пак даваат прецизна информација на изворите на загадување и помагаат во брзата интервенција на надлежните за заштита на јавното здравје.

Но, не е само Германија. Холандија која ја предводи револуцијата во зелениот транспорт, преку инвестициите во инфраструктурата за електричните возила, како и урбаното планирање за возење на велосипеди и строгите стандарди за емисии на возила, успеа драстично да го намали аерозагадувањето во поголемите градови и притоа да постави пример за одржлива мобилност.

Двата примери само ја нагласуваат улогата на ЕУ како катализатор за позитивни промени, обезбедувајќи им на земјите-членки алати и ресурси потребни за целосно справување со аерозагадувањето. Преку поттикнување на иновации, промоција на одржливи практики и, пред сè, финансиска поддршка, Унијата им дава можност на своите членки да создадат почисти и поодржливи екосистеми за своите граѓани. Македонија пак, како идна земја-членка на ЕУ се приклучува на зелената и поодржлива иднина преку посветеност на заштита на животната средина, контрола на загадувањето и пред сè, почитување на европските стандарди.