Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека следната недела ќе свика средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон, јави агенцијата Анадолија.

Говорејќи на прес-конференција по петтиот состанок на Постојаниот заеднички механизам меѓу Турција, Финска и Шведска во Брисел, Столтенберг рече дека се согласуваат оти приемот на Шведска во НАТО е во интерес на безбедноста на сите сојузници.

Тој исто така рече дека сакаат што поскоро да го комплетираат полноправното членство на Шведска.

– На самитот на НАТО следната недела повторно ќе се посветиме на борбата против тероризмот во сите негови форми и манифестации, додаде Столтенберг.

Шефот на НАТО рече дека ќе свика состанок со Ердоган и Кристерсон во понеделник во Вилнус, Литванија, како следен чекор во процесот.

Во однос на тоа што Шведска за првпат осуди симпатизер на терористичката група ПКК за кривично дело огнено оружје и обид за финансирање тероризам, Столтенберг рече дека ова е пример за тоа како организираниот криминал во Шведска е тесно поврзан со терористичките организации во Турција.

Одговарајќи на прашање на Анадолија за неодамнешните реакции во светот за Шведска во врска со палењето на Куранот, што се случи минатата недела пред џамија во Стокхолм, и дали мисли дека Шведска може да има ефикасен механизам за борба против тероризмот или тоа би било товар за НАТО, Столтенберг рече дека Шведска ги „исполнила своите обврски“ од трилатералниот меморандум.

Тој рече дека причината за денешната средба е да се надмине видливиот јаз.

Домаќин на петтиот состанок на Постојаниот заеднички механизам беше Столтенберг, а на него присуствуваа делегации на Турција, Финска и Шведска.

Самитот на лидерите на НАТО ќе се одржи во Вилнус на 11 и 12 јули.

Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна војната во Украина во февруари 2022 година.

Иако Турција го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да се усогласи со трилатералниот меморандум потпишан во јуни 2022 година во Мадрид и да одговори на безбедносните грижи на Анкара.

Шведска во ноември усвои закон за антитероризам, надевајќи се дека Анкара ќе го одобри членството на Стокхолм во НАТО. Новиот закон, кој стапи во сила на 1 јуни, им дозволува на властите да гонат поединци кои поддржуваат терористички групи.