Африканските здравствени власти откриле нов сој на коронавирусот кај лице кое патувало од Танзанија за Ангола.

Директорот на телото за контрола и превенција на болести на блокот на Африканската унија (АУ) Џон Нкенгасонг на прес-конференција кажа дека „ова секако е варијанта која предизвикува загриженост“ и дека сојот има околу 40 мутации.

Се уште не е познато дали постојните вакцини ќе бидат ефикасни против оваа нова варијанта на вирусот. Британскиот и јужноафриканскиот сој се потврдени во 18 африкански земји, рече тој и предупреди дека Африка е на пат кон третиот бран на пандемијата од Ковид-19.

Нкенгасонг ја поздрави одлуката на компанијата „Џонсон & Џонсон“ за производство на својата вакцина во Јужна Африка. Компанијата се согласи да испорача 220 милиони дози од вакцината, со можност за дополнителни 180 милиони, а повеќето ќе ги произведува во Јужна Африка.

Танзанија не објавува податоци за инфекциите со коронавирус, така што и мутацијата не може да се следи. Покојниот претседател Џон Магуфули, кој неодамна почина, се спротивстави на борбата против коронавирусот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.