Франција, Германија и Италија дадоа заедничка изјава пред средбата на 18 март во Охрид меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ. Специјалните советници за надворешна политика и безбедност на францускиот претседател, германскиот канцелар и италијанскиот премиер и истакнаа дека е време за одлучување. Се вели дека договорот сега мора да се имплементира што е можно поскоро преку јасен патоказ за негова имплементација.

Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, изјави дека би сакал конечниот договор за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија да биде постигнат оваа година.

„Мислам дека такво нешто е сосема можно. Овој договор не е нешто за плашење. Се надеваме дека тоа нема суштински да промени ничиј живот, туку ќе овозможи одредено ниво на стабилност и мир за луѓето од регионот. Неговата намера не е да создава нови пречки. Напротив. Сакаме овој договор да биде добар не само за Србија и Косово, туку затоа што Србија и Косово се во срцето на Западен Балкан, да се создадат можности и за вашите соседи“, рече Ескобар.

Ескобар рече и дека Заедницата е постоечки договор и меѓународна обврска која мора да се спроведе без разлика дали ќе има нов договор или не.
Од друга страна, високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел, за време на престојот во Тирана, рече дека очекува Курти и Вучиќ, да дојдат во Охрид за да се договорат за спроведување на планот за нормализација на односите. Ако се договорат, тоа ќе биде исклучително голем чекор за Западен Балкан кон интеграцијата во ЕУ.

„Во однос на дијалогот Приштина-Белград, на 27 февруари имавме средба на високо ниво во Брисел. И Курти и Вучиќ се согласија дека нема да има дополнителни дискусии за предлогот на ЕУ, што значи дека текстот на овој договор е затворен. Но, прашање е како и кога ќе се спроведе овој договор бидејќи во минатото имаше договори кои не се спроведуваа. Тоа не може да се случи сега. Имплементацијата е анекс, кој е составен дел на самиот договор кој ќе ги обврзе страните на условите и модалитетите. Тоа е договор што ги зближува Косово и Србија, ги става на постабилна основа и гарантира дека дијалогот ќе продолжи кон целосна нормализација“, рече Борел.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека предлогот на ЕУ е најдоброто нешто што може да се случи.

„Сакам со целото мое срце да верувам дека ниту една од страните нема да си дозволи целосно да не го прифати документот и неговата програма за имплементација бидејќи ЕУ и САД всушност им понудија на страните и на регионот нов пат. Отворена врата кон иднината со мир и друго време за да се дојде до последната точка – меѓусебно признавање“, рече Рама.

На средбата во Охрид задутре Косово и Србија, со посредство на европскиот блок, се очекува да разговараат за планот за имплементација на предлогот на ЕУ за нормализација на односите.

Шкелзен Аќифи