Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Белград, каде што се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ на Орбан му врачи Орден на Република Србија на голем ѓердан за исклучителни заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу двете земји. Вучиќ истакна дека му е чест што има можност да му оддаде почит на Орбан.
„Ова е највисок орден доделен од претседателот на Србија“, рече тој.
„Со голема гордост му го доделувам овој медал на голем пријател на Србија. Му благодарам на претседателот на Унгарија за неговиот придонес во развојот на билатералната соработка меѓу двете земји“, рече Вучиќ.
„Бидете уверени дека нашите граѓани навистина ги ценат таквите пријатели и соседи“, му рече Вучиќ на Орбан.
„Ви благодариме што најдовте сила да обезбедите подобра и потопла иднина за нашите граѓани, дури и во овие тешки времиња кога сите се грижат само за себе“, додаде српскиот претседател.
Орбан рече дека му е чест што имал можност да го добие овој орден и додаде дека наградата ретко се доделува на луѓе кои сè уште се во служба, а потоа се пошегува дека тоа не го сфаќа како отказ, туку како поддршка.
„Унгарците сакаат да им даваат титули на своите лидери“, изјави Орбан и рече дека во неговата земја постои титула „најголем Унгарец“.
Орбан му се заблагодари на Вучиќ за наградата и што е пријател на неговата земја.
„Пријателството се прекинува само кога станува збор за ватерполо, каде што треба да се бориме едни против други. Историјата нè потсетува на заедничка мисија, а тоа е дека треба заеднички да ја браниме јужната врата на Европа. Тоа е, од една страна, мисија и одговорност и на Србија и на Унгарија. Не врзуваат историјата, географијата, вековното пријателство, благодарен сум вам и на српскиот народ што ме сметате за достоен да ја добијам наградата на Република Србија“, рече Орбан.
Во зградата на Претседателството на Србија се одржаа билатерални средби на министрите на Србија и Унгарија. Министерката за евроинтеграции на Србија, Јадранка Јоксимовиќ, се сретна со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, додека министерот за финансии, Синиша Мали, разговараше со министерот за економски развој на Унгарија, Мартон Наѓ.