До жителите на 35 населени места во околината на Лариса, во грчката област Тесалија, преку порака од бројот 112 за итни случаи попладнево беше побарано да бидат во состојба на готовност поради опасност од поплави, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос информираше дека „во последните часови реката Пиниос се излева во пониските подрачја“ и токму затоа беа испратени вкупно пет пораки од бројот 112.

Паралелно, продолжуваат акциите на противпожарната служба и армијата за спасување и пренесување на безбедни локации на граѓаните заглавени во објекти во поплавените подрачја.

Артопиос соопшти дека од почетокот на невремето „Даниел“ на 5 септември, заклучно со денеска наутро биле спасени 2.806 граѓани, а од седум часот утрово до попладнево имало 350 спасувања од копнени и воздушни сили.

Дополнително, противпожарната служба користи и дронови за снабдување со храна, вода, постелнина и медицинска опрема во деловите каде што е тежок пристапот.