Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и в.д. директорот на Фондацијата за култура и спорт, Марио Арангеловски денеска во Општина Куманово, потпишаа договори за национално кофинансирање по програмата за прекугранична соработка со Бугарија.

Куманово ќе го спроведува проектот „Подобрување на туристичкиот потенцијал во Ќустендил и Куманово преку модерна визија за регионите“, а Фондацијата за култура и спорт, проектот насловен „Соработка во визуелни уметности за промоција на културниот идентитет на регионот“.

Во изјава за медиумите, министерот Пенов посочи дека североисточниот регион е најмалку развиен, иако Општина Куманово е една од најразвиените во државата. Тој рече дека со градоначалникот Димитриевски разговарале и за проекти кои ќе ги имплементира Општината во соработка со Министерството, покрај двата проекти за кои денеска потпишаа договор.

– Особено сакам да го истакнам проектот со швајцарската Влада за Општина Куманово со која е предвидено противпожарната единица да добие три противпожарни возила, ќе се реконструира зградата на противпожарната единица и ќе се набави опрема за 60 пожарникари. Со тоа ќе се издигне нивото на противпожарната служба во Куманово и го заокружуваме еден од најважните проекти на Владата за обнова на противпожарните возила во сите региони и сите општини, изјави министерот Пенов.

Тој соопшти дека преку Бирото за рамномерен регионален развој, Општина Куманово има значаен проект во вредност од 21 милиони денари, кој се однесува на набавка на 49 модерни контејнери кои се приспособени и за лицата со попреченост. Пенов најави дека на барање на Општината и Североисточниот регион, ќе бидат набавени три градежни машини, а започната е и реконструкција на дел од спортската сала. Министерот за локалната самоуправа оцени дека станува збор за успешни проекти и најави уште повеќе можности за работа со Општина Куманово.

– Во меѓуграничната соработка досега имаме успешни реализации на проекти од областа на туризмот и културата. Досега од оваа програма со Република Бугарија, кај нас се искористени 40 милиони евра и се имплементирани 178 проекти во овој регион. Ние потпишавме и од месец јуни започнува имплементација на ИПА 3 проектот, каде ќе бидат имплементирани нови 30 милиони, што е шанса и за Општина Куманово да аплицира и да добие добар дел од овие пари и да направи проекти кои ќе бидат од интерес на граѓаните на Општина Куманово, изјави министерот Пенов, додавајќи дека се надева на успешна соработка во интерес на кумановци.

Градоначалникот Димитриевски рече дека потпишаните договори се резултат на добрата соработка и дека Општината има интерес да се унапредува во иднина. Тој очекува ресорното Министерство да ги искористи позициите и да обезбеди поголеми средства во однос на регионалниот развој, бидејќи североисточен регион е најмалку развиен.

– Верувам дека државата ќе смогне сили да обезбеди поголеми средства за соодветен регионален развој којшто е повеќе од потребен за да се имплементираат сериозни капитални регионални проекти, каде директни корисници ќе бидат општините, изјави Димитриевски.

В.Д. директорот на Фондацијата за култура и спорт, Марио Арангеловски рече дека проектот „Соработка во визуелни уметности за промоција на културниот идентитет на регионот“ ќе се реализира во предвидените рокови.

– Станува збор за прекугранична соработка. Општина Банско, нашите колеги оттаму, го работат останатиот дел од проектот. Ние сме фокусирани на документација за краткометражен документарен филм кој ќе треба во соработка со колегите од Бугарија да се реализира за шеесетина дена. Веќе во септември да се проектира во занаетчискиот дом, изјави Арангеловски.

Во рамки на проектот набавена е сериозна техничка опрема и ќе е наменета за здруженијата, граѓани кои ќе можат да ја искористат.