Здружението за лица со попреченост „Хендикеп плус” денеска организираше настан за промоција на проектот „Пристапна и отворена општина” во чии рамки Општина Крива Паланка потпиша меморандум со Совет на лица со попреченост Хендикеп плус за унапредување на правата на заедницата со попреченост на територија на општината, јавува МИА.

Проектот „Пристапна и отворена општина” финансиран од Бугарската помош за развој има за цел продлабочување на соработката за унапредување на правата на лицата со попречености.

-Како прва општина на Балканот, во рамки на овој проект, Крива Паланка ќе креира два иновативни формати: Статутот на Општина Крива Паланка ќе биде достапен на Брајова азбука и аудио-формат на Статутот на Општина Крива Паланка достапен за јавноста, посочуваат од општината.

Советот на лица со попреченост ќе биде неформално тело кое ќе има функција на креирање модел за јакнење на сите чинители во заедницата за промовирање и имплементација на инклузивни политики.

-Целта е промовирање и афирмирање на прашањето на хендикеп и подигнување на јавната свест кај населението. Ќе бидат таргетирани Советот на Општина Крива Паланка, локалните креатори на политики, организации на лица со попречености и јавноста, за заедно да придонесеме кон потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на локално ниво каде и заедницата со попреченост ќе може да ги ужива своите права на еднаква основа со другите, рече Бранкица Димитровска, претседавач на Советот на лица со попречености од „Хендикеп плус“.

Проектот „Oтворена и пристапна општина“ е насочен кон обезбдување на социјални промени во општина Крива Паланка, иницирани од лицата со попреченост за потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на локално ниво.

– Им честитам на Бранкица и на сите нејзини соработници за вториот по ред проект финансиран од Бугарската помош за развој, кој е насочен кон промовирање на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост преку активно учество на лицата со попреченост во креирањето и донесувањето одлуки на локално ниво. Честитки и до општината и Советот за отвореноста и соработката и посакувам успешна работа и одлични резултати, рече Рени Иванова од соработник од Амбасадата на Република Бугарија во Северна Македонија.

Изабела Павловска, претседателка на Советот на Општина Крива Паланка рече дека меморандумот е форма,но поддршката, разбирањето и реалните чекори кои општината во континуитет ги превзема за унапредување на правата на лицата со попречености од Крива Паланка се она што ја прави општината пример за тоа како низ дијалог и со отворен пристап,со слух за сите потреби на лицата и од оваа популација, работи на решавање на проблемите на граѓаните.

-Најважно е што чекориме заедно на тој пат кон унапредување на правата на лицата со попречености, тука сме за сите реални потреби кои тие најдобро ги знаат и низ овој совет,во соработка понатаму и со Советот на Општина Крива Паланка, само ќе креираме уште еден модел за јасно дефинирањето и артикулирање на тие потреби,и ќе креираме мерки и активности кон решавање на истите,рече Павловска

Проектот ќе трае седум месеци.