Израел вакцинираше 224.000 луѓе против коронавирусот за само еден ден, објави денеска на Твитер министерот за здравство Јули-Јоел Еделштајн, јави ДПА.

Со тоа вкупниот број лица кои ја примиле првата доза на вакцината е 2,4 милиони, а 850.000 лица ги примија двете дози.

Израел ја почна својата кампања за вакцинација на 19 декември и напредува со невидено темпо. Во Германија, на пример, со население деветпати поголемо од еврејската држава, првата доза на вакцина е дадена на 1,3 милиони луѓе, а 78.000 ги добиле двете дози потребни за целосна имунизација.

Израелските власти порано нарачаа доволен број дози на вакцина и склучија договор со производителот „Фајзер“ и во замена за тоа да им обезбедат медицински податоци.

Според експертите, нивниот силен и високо дигитализиран здравствен систем придонесува за успехот на кампањата за вакцинација во земјата.

Израел во моментов доживува трет бран на инфекција и воведе карантин, кој е на сила до крајот на јануари.