Изминатиот викенд имав ретка можност да почувствувам како една голема нација ја прославува својата државност, култура и уметност.

Со бројна публика, строги мерки за безбедност и неверојатен интерес од медиумите од цел свет, беше отворен Културниот центар „Ататурк“ на плоштадот „Таксим“ во Истанбул. На свеченото отворање, испланирано за 98-годишнината од основањето на Турската Република, присуствуваше и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

 

Истанбул, како центар во кој со векови се вкрстуваат континенти, култури, цивилизации, религии, политики и соништа се покажа како совршен домаќин на над 50 новинарски екипи кои имавме можност премиерно да ја поминеме Културната рута „Бејоглу“ – двонеделен фестивал кој ќе се одржува двапати годишно и ќе привлекува уште повеќе туристи во секогаш популарниот Истанбул.

Новиот Културен центар „Ататурк“ (АКМ), на плоштадот „Таксим“ во Истанбул, е импозантно дело на модерната архитектура кое совршено се вклопува во околината и претставува клучна точка на Културната рута „Бејоглу“.

Кога ќе влезете во просторот од пет згради кои содржат двокатна библиотека, изложбени простори, театар, конференциски сали, ателјеа на млади уметници и детски центар, она што ќе ве воодушеви на прв поглед е сфера во центарот на фоајето изработена од петнаесет илјади специјално дизајнирани керамички плочки во која се наоѓа сцената на Истанбулската опера и балет.

Совршенство во секој поглед, визуелен, акустички и метафорички.

На оваа сцена, по повод отворањето на културниот центар, беше изведена светската премиера на турската опера „Синан“. Операта е инспирирана од историската приказна за Мимар Синан, славниот архитект кој ја изградил џамијата на султанот Сулејман Величествениот, а по талентот го споредуваат со неговиот современик Микеланџело.

Луксузна костимографија и сценографија ја надополни извонредната композиција на Хасан Учарсу, по либрето на Бертран Рона, за да ја раскаже приказната како градителот, кој ја создал препознатливата архитектонска силуета на Истанбул, своевремено го стекнал почитувањето на султанот Сулејман. Уметниците добија 10-минутни стоечки овации од публиката по завршувањето на изведбата набиена со емоции во салата која беше совршена за едно такво историско музичко патување.

 

Како дел од програмата на свеченото отворање беше и настапот на Лондонскиот филхармониски оркестар под диригентска палка на Робин Тициати. Совршената акустика овозможи публиката да ужива во извонредна изведба на турската народна песна „Хајдар, Хајдар“, потоа на концертот за пијано на Моцарт и на Четвртата симфонија на Брамс со магично богатство на звукот, поради кое по завршувањето на концертот, дури и надвор пред салата, публиката со аплауз и извикување „браво“ ги испраќаше членовите на оркестарот кон нивниот автобус.

Важна точка на 3,5 километри долгата Културна рута „Бејоглу“ е уште еден нов неодамна отворен мултинаменски комплекс – Галата порт каде што во рамки на фестивалот се прикажува дигиталната изложба „Моне и пријателите“, потоа обновената Стара пошта, историската зграда Тофане-и Амир, кулата „Галата“ и разни галерии и помали културни центри.

На рутата „Бејоглу“ се најде и Музејот на турската кинематографија, каде што, освен кинематографската опрема, изложени се постери од филмски остварувања од изминативе повеќе од седум децении. Одушевува интерактивниот момент на изложбата преку телефонската соба во која можете да разговарате со лик од познат црно-бел филм или трите огромни екрани преку кои аудиото на проекцијата се приспособува на позицијата на стоење на посетителот. Искуството не се опишува, едноставно треба да ја поминете рутата „Бејоглу“ за да го доживеете со сите сетила.

Светот е побогат за уште едно место каде што се слават уметноста и вредностите на современата култура и цивилизација.

Извор: АА.com.tr