Градоначалникот на опколениот украински град Мариупол вели дека повеќе од 1.000 луѓе биле засолнети во театарот што на 16 март беше погоден од руски воздушен напад. По нападот многу цивили се заробени, а бројот на жртви е непознат, вели тој.

Градоначалникот Вадим Боиченко ја објави информацијата на својот профил на Телеграм рано на 17 март, нарекувајќи го нападот на театарот „уште една трагедија“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака на 17 март рече дека луѓето во театарот се криеле од гранатирања, а сега и тој е уништен. И тој вели дека сè уште нема информации за жртви.

Невладината организација за човекови права Хјуман рајтс воч претходно соопшти дека во театарот се засолнуваат „стотици цивили“.

„Ова предизвикува сериозна загриженост за тоа која била целта во град каде што цивилите веќе се под опсада со денови, а телекомуникациите, струјата, водата и греењето се речиси целосно исклучени“, рече Белкис Виле од групата за човекови права Хјуман рајтс воч.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека зградата на театарот сега е „целосно уништена“ и рече дека руските сили „не можеле да не знаат дека ова е засолниште за цивили“.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нивните сили не ја нападнале зградата на театарот, јави новинската агенција РИА. Москва негира дека цели на цивили.