Во Белград се одржа 23-от протест Србија против насилството, во организација на проевропската опозиција со прошетка и блокада на граѓаните на центарот на градот исто како и минатаат недела, долж медиумската траса до РТС и до седиштето на Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

На протестот говореа Борислав Новаковиќ од Народното движење на Србија и лидерот на Движењето за пресврт Јанко Веселиновиќ, кој рече дека „борбата ќе биде тешка“ и дека режимот ќе биде брутален.

-Тие ќе ги искористат сите средства за да го спречат народот да ја покаже својата волја, им рече тој на граѓаните.

За време на говорот на Новаковиќ дојде до помал инцидент кога на бината излегоа двајца млади момчиња и се слушнаа пцовки и извици „одите на Косово“.

На протестот имаше помал број на граѓани за разлика од минатите недели, а меѓу транспарентите на протестот беа натписите: „Секогаш со народот“ и „Ѓинѓиќ имаше харизма, а тие имаат медиуми“.

Модераторот на протестот Смиљан Бањац пред РТС го спомна и документарниот филм што Хрватската телевизија го сними за убиствата во основното училиште „Владислав Рибникар“ и праша каде се истражувачките новинари на РТС, „и дали воопшто ги има“.

Покрај вонредни избори, на протестот остануваат и барањата за одземање на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи и затворање на таблоидите кои промовираат говор на омраза и насилство, како и смена на раководството на РТС.

Се бара и смена на членовите на Советот на регулаторното тело за електронски медиуми како и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на безбедносно-информативната агенција (БИА) Александар Вулин.