Албанскиот Институт за јавно здравје официјално потврди дека во земјата циркулира подваријантата на Омикрон БА4.
– Го потврдивме присуството и на варијантата БА4, покрај БА5 која циркулира од јуни. Во лабораторија во Германија испративме 230 примероци. Од нив над 83 отсто беа БА5 и мал процент или околу 4 отсто БА4“, изјави Еугена Томини, директорка на Институтот.
Според неа се уште во земјата има висока позитивност кај новозаразени, а незаинтересираноста за вакцинација условува поотежната клиничка слика на заразените.
– Продолжува висока позитивност на дневно ниво. Оваа позитивност се рефлектира и во зголемениот број на случаите на кои им е неопходен болнички третман. Незаинтересираноста за вакцинација ни дава поотежната клиничка слика на случаите, додаде Томини.
Таа предупреди дека коциркулацијата на двете подваријанти на Омикрон и сезонските вируси, на почетокот на есента, се очекува да ја комплицираат состојбата во земјата.
Официјалната статистика објавена попладнево потврдува дека од тестираните 1.285 позитивен резултат е добиен кај 375 или 30 отсто од тестираните. Но, бројката е многу повисока бидејќи дел се тестираат дома и се лекуваат во домашни услови, а други и не го прават тоа поради поблагите симптоми.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.