ВМРО-ДПМНЕ  се огради од предлогот на професорот Александар Спасеновски (поранешен пратеник на партијата) изнесен вчера во интервју за Сител, дека треба да се бара креативно решение за да пројдат уставните измени, а такво нешто може да биде – промената на државниот грб.

„Сите овие прашања произлегуваат од чувството кај Македонците дека во континуитет нешто губат и од нешто се откажуваат. Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност. Тоа се одделни процеси и какво било нивно поврзување го нарушува процесот на носење нов државен грб, за кој веќе постои консензус во минатото“, реагираа денес од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за „Независен“ на предлогот на Спасеновски.

Предлогот го отфрли и премиерот Димитар Ковачевски, односно ги упати ВМРО-ДПМНЕ идеите да ги изнесат таму каде што треба, во работната група за уставни промени. Тој смета дека ставовите на опозицијата се менуваат на дневна основа поради што не сакаше ни да го прокоментира сериозно овој на Спасеновски.

„Еве јас ќе ве прашам: Дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има. Опозицијата не го поддржа. Така што ќе станеме членка и на ЕУ, а  јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи.  Опозицијата не го поддржа ни договорот со Фронтекс, којшто утре почнува со имплементација, каде што за прв пат имаме македонски јазик заедно со сите други јазици на Европската унија. Опозицијата ни тоа не го поддржа. Кажа дека биле на пауза во Собрание. Сите биле внатре, тие биле на пауза, не слушнале кога ѕвонело ѕвончето. Така што, такви изговори од трето одделение не поминуваат“, порача Ковачевски.

За Ковачевски предлогот за промена на државниот грб на ваков начин (со ставање на лав  место сегашниот) по сѐ изгледа е уште едно „кукавичко јајце“ со кое лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски сака да се спаси од обвинувањата дека ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ, а во исто време и да го префрли фокусот на меѓуетничките односи, креирајќи  основа за политички потреси во земјата.

Според она што може да се чуе во политичките кругови, предлогот за промената на државниот грб е дел од фамозниот план од три столба што на крајот на март го објави Мицкоски, а што наводно ќе го објави во детали пред дипломатите од ЕУ „веднаш откако ќе завршат изборите“. Целта е со тој план да преговара со земјите членки на Унијата за да добие нов поприфатлив предлог од францускиот за Македонија.

Според неофицијални информации, тој план има политички, економски и национален столб, а промената на грбот на државата е објаснета како начин да се засилат идентитетските елементи, т.е. Македонците да ја чувствуваат повеќе како своја државата. Економскиот столб, наводно, предвидувал барање од ЕУ сите пари од ИПА фондовите што досега се неискористени, да ни бидат дадени наеднаш за да живне економски државата, а политичкиот – од ЕУ да ни дадат гаранции дека нема да има нови политички барања од Бугарија во текот на преговорите за членство. Делот со гаранциите веќе е депласирана тема бидејќи сите го отфрлаат како неможно, па сега се пушта во оптек идејата со промената на грбот, во смисла „се мати водата за да не биде бистра“.

По таканаречениот хрватски модел за Преамбулата, што не го сфати како сериозен и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (кој рече дека, колку што сфатил од средбата со Мицкоски и останатите, единствен проблем за уставните измени бил дали да се усвојат сега или по изборите), ова е второ наводно можно решение од таборот на ВМРО-ДПМНЕ за кое однапред знаат дека нема шанси да биде прифатено, без оглед што самиот Спасеновски тврдеше дека за него во минатото се изјасниле позитивно и од ДУИ. Практично, испаѓа дека со шупливи предлози ВМРО-ДПМНЕ само купува време до изборите, а Македонија има тајминг што треба да го исполни ако сака да успеат преговорите со ЕУ.

Проценките се дека во ЕУ се случуваат крупни процеси и дека ноември ќе биде пресвртен месец за нас, бидејќи тогаш треба да заврши скринингот и, ако не се направи некаков исчекор во правец на уставните измени, Бугарија ќе има право да го блокира повторно процесот. Уште повеќе, има проценки дека бугарскиот претседател Румен Радев се моли за таков епилог бидејќи и тој не бил среќен со францускиот предлог и сака да пропадне, а ако не се формира политичка влада во таа земја, тој ќе ни биде и натаму главниот соговорник, со кого веќе една година се разговара само преку посредници, а не директно. Во мај идната година ќе се одржат избори во ЕУ и не е извесно кој од тие функционери што ни даваа гаранции и ветувања и што се наклонети на преговори со Македонија ќе преживее на позицијата.

Паралелно во ЕУ се турка силно започнувањето на преговори за членство со Украина и со Молдавија од блокот источноевропски држави предводени од Полска, а проценките се дека следната одлука што евентуално ќе биде донесена за проширување на Унијата – ќе биде и последна. Како капак, Албанија губи надеж во нашите уставни измени и веќе лобира за побрзо отворање на кластерите, а ако стане јасно дека кај нас се развлекува процесот, навестува дека ќе бара раздвојување од Македонија. На долг рок тоа може да стане и подобро решение за Албанците во Македонија кои веќе се уморни од плаќање на цената за нашите национални комплекси и вечните колебања.

Да биде уште потешко, во политичките кругови се проценува дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не му е гајле за преговорите со ЕУ и дека практично нема понуда што би го задоволила во моментов, откако го одби и директниот предлог на вицепремиерот Артан Груби да ги трампа уставните промени за предвремени избори. Последниве недели одбива и средби со меѓународни функционери за да избега од притисок (наводно, австрискиот шеф на дипломатијата не дошол во Скопје бидејќи Мицкоски ја одбил средбата со него), така што според проценките во кругови блиски до ВМРО-ДПМНЕ е дека тој сега е во фазата во која беше Никола Груевски една година пред да падне од власта, а сѐ уште не ни почнал да владее. Т.е. веќе ги нема и неколкуте надворешни пријатели, а според проценки во СДСМ таа изолација од страна на меѓународната зедница уште повеќе ќе се засили. Дополнително, за разлика од Груевски, постојат знаци дека поради начинот на кој ги води работите Мицкоски е сѐ поизолиран и внатре во партијата. Така што, ако се покаже дека со предлогот на Спасеновски вчера не ја подотвара вратата да влезе во преговорите за уставни измени, веќе си ги урна двата од трите столба на фамозното решение што го нуди место уставните промени, а кое никаде не води.

Според проценките во кругови блиски до ВМРО-ДПМНЕ е дека Христијан Мицкоски сега е во фазата во која беше Никола Груевски една година пред да падне од власта, а сѐ уште не ни почнал да владее

Инаку, Александар Спасеновски вчера изјави дека ВМРО-ДПМНЕ би можеле да бидат предомислени да ги поддржат уставните измени доколку истовремено се направи отстапка и се поддржи нивниот предлог од 2014 година за промена на државниот грб.  Спасеновски истакна дека грбот со црвен лав на жолта позадина и пет кули, бил прифатлив за ДУИ, бидејќи грбот на многу стари албански семејства е лавот, како и грб на градот Тирана, додека круната е општоприфатен симбол за скопското Кале. Според него, со прифаќањето на оваа измена, заедно со уставните измени потребни за продолжување на патот кон ЕУ, ќе се отвори можност за опозицијата да се вклучи во дискусијата и да ги поддржи измените.