Владата сѐ уште не одлучила дали на компаниите ќе им дава финансиска помош за исплата на плати од 14.500 до 21.700 денари или бескаматни кредити. Кроењето на петтиот сет економски мерки заглави поради неусогласените ставови на стопанството и Владата. До крајот на неделава повторно на маса ќе седнат со коморите и синдикатите и Владата ќе се обиде да пресече дали најискористената мерка од претходните сетови ќе ја замени со бескаматни кредити. Од институтот Finance Think велат дека финансиката помош за исплата на плати, не може да биде заменета со друга, бидејќи се покажала како мерка која најмногу им треба на компаниите.

„Економијата е во транзиција, каде од една страна има знаци на закрепнување, но исто така има сегменти кои сѐ се уште ранливи. Мерката за бескаматни кредити е потребна, но не е замена за постоечката мерка од 14.500 денари. Со самиот факт што моделот бараше фирма да има пад на прометот поголем од 30% споредено со 2019, за да биде подобна за мерката, овозможува автоматски бројот на подобни фирми да се намали, ако состојбата во првиот квартал од 2021 е подобра“, наведуваат од Finance Think, Институт за економски истражувања.

– Advertisement –

Ставот на коморите и на синдикатите е мерката за исплата на плати да продолжи и во новиот сет. За оваа мерка досега се исплатиле 130 милиони евра на 100.000 компании, а плата добиле близу 607 илјади вработени. Новиот предложен модел на бескаматни кредити предвидува грејс период од 12 месеци и период на отплата од три години со грант од 30 проценти, доколку се исполнат одредени критериуми. Иако одлуката за мерките требаше да биде дефинирана минатата недела, засега нема точен датум кога петтиот сет ќе биде објавен и кога компаниите ќе може да ги користат донесените мерки.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе