Најмалку три лица се убиени откако вооружен маж отворил оган на државниот универзитет во Мичиген, соопшти полицијата, пренесуваат светските агенции.
Нападот, според медиумските извештаи, се случил околу 20 часот по локално време во зградата на универзитетот во градот Ист Лансинг. Во нападот се повредени уште пет лица кои се веднаш хоспитализирани, а дел од нив, според информациите, се со сериозни повреди и се наоѓаат во животозагрозувачка состојба.
Нападот се случил во главниот капус на универзитетот во Мичиген.
„Откако отворил оган таму, вооружениот напаѓач заминал во друга зграда и продолжил да пука“, изјави Крис Роузман, вршител на должноста началник на полицијата во кампусот.
Според него, дел од повредените се во критична состојба.
По нападот осомничениот побегнал, а во потрагата по него биле вклучени неколку стотици полициски службеници. Полицијата објави фотографии од него. Според описот, станува збор за маж, афроамериканец, со низок раст. Носел тексас јакна, црвени чевли и бејзбол капа.
Полицијата подоцна соопшти дека напаѓачот бил пронајден мртов на околу четири километри од универзитетот. Според чуварите на редот, тој починал од „самонанесена прострелна рана“.