Барселона денеска во рамките од 21 коло во „Ла Лига“ славеше на својот „Камп Ноу“ со резултат 2:1 против Атлетик Билбао.

Првиот гол на домаќините беше ремек дело на Меси кој стрелаше од слободен удар за водство од 20 минута. За Аргентинецот ова е вкупно 650 погодок за Барселона во сите натпреварувања (456 во шампионатот), додека 49 од нив се реализирани директно од слободен удар. (38 во лигата).

Гостите успеаја да израмнат на стартот од вториот дел благодарение на автоголот на Алба. Во 74 минута се случи клучниот момент кога Мингеза правовремено асистираше до Гризман за поставување на конечниот епилог.

На тој начин каталонскиот гигант се одмазди за поразот во финалето на Суперкупот токму од Атлетик Билбао пред две недели.

На табелата во најсилното шпанско првенство составот на Куман е второпласиран со 40 бодови, колку што има и Реал Мадрид на третата позиција, а водечки е Атлетико Мадрид со 50 бодови, но и еден натпревар помалку.

„Јорганџиите“ славеа против Кадиз (2:4), стрелци во триумфот на гостите беа по еднаш Саул и Коке, а двапати Суарез. В недела се одиграа уште два меча во кои мрежите мируваа, Хетафе-Алавес и Гранада-Селта Виго.

ФОТО: Меси ја доби најголемата понуда во историјата на фудбалот!