Турските власти ја истражуваат појавата на мистериозниот монолит на југоистокот од земјата, извести Ројтерс.

Металниот блок со стар турски натпис „Гледај во небото, види ја месечината“ го пронашол еден фармер во петокот во провинцијата Шанлиурфа.

Три метри високиот монолит е откриен во близина на светското културно наследство наречено „Göbekli Tepe“ кое е под заштита од УНЕСКО, а во кое постојат мегалитски градби од 10 илјади години пред новата ера, кои датираат илјадници години пред Стоунхенџ.

Турските власти известија вчера дека ги прегледале снимките од надзорните камери со цел да му влезат во трага на возилото кое можеби го пренесувало монолитот.

Многу мистериозни монолити се појавуваа во различни делови во светот во последните неколку месеци, а еден од последните, кој привлече големо внимание, се појави минатиот месец во Торонто.