Се одиграа три натпревари од 19 коло во Серија А, Милан на својот „Сан Сиро“ изненадувачки убедливо со 0:3 загуби од Аталанта.

„Росонерите“ направија чекор назад кога е во прашање трката за шампионската титула во првенството, иако и натаму остануваат на врвот на табелата. Играчите на тренерот Пиоли се на првото место со 43 бодови после само вториот пораз сезонава, два повеќе од второпласираниот Интер.

Аталанта пак која веќе подолг период не знае за пораз, скокна на четвртата позиција со 36 бодови, еден помалку од третопласираната Рома. Стрелци на головите за тимот од Бергамо беа Ромеро (26`), Иличиќ од пенал (53`) и Запата во 77 минута.

При негатива од 0:2 за Милан дебитираше новото засилување Манџукиќ, но не помогна ни искусниот хрватски напаѓач.

Удинезе ремизираше без голови со Интер (0:0), кај домаќините на клупата за резерви беше македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, но не доби минутажа против „неро-аѕурите“.

Најмногу погодоци имаше на дуелот Рома-Специја (4:3), римската „волчица“ многу потешко од очекувањата дојде до бодовите. Гостите двапати доаѓаа до израмнување, второто се случи во 90 минута, но Пелегрини беше херојот на римскиот клуб (90+2`).