Двајцата најпознати британски уметници, пејачот Елтон Џон и актерот Мајкл Кејн, ги здружија силите во шеговитата реклама со цел да ја поттикнат јавноста да се вакцинира против коронавирусот.

Во рекламата од 90 секунди, Џон ја пародира својата репутација на ексцентрик, додека Кејн се потсемва на самиот себе повторувајќи го познатиот слогат кој го користеа неговите безброј имитатори: „Тоа не го знаат многу луѓе“.

Британија досега ги испорача првите дози од вакцините за повеќе од 12,6 милиони луѓе и е на пат да ја достигне својата цел од 15 милиони вакцинирани во четирите главни приоритетни групи, вклучувајќи ги и повозрасните од 70 години, до 15-ти февруари.

Меѓутоа, постои загриженост дека некои луѓе нема да се вакцинираат поради дезинформациите и теориите на заговор.

Во рекламата која е објавена, во главна улога се појавува Џон, кој се преправа дека е на аудиција за реклама. Режисерите го критикуваат поради актерските способности и премногу „шоубизнис“ во однесувањето, а пејачот потоа го имитира Кејн.

Откако глумеше дека ја примил вакцината пеејќи една од своите хит песни „I’m Still Standing”, режисерите му одговорија „Ќе ви се јавиме“.

Незадоволниот Џон потоа им одговара дека во така краток рок нема да најдат никој попознат од него, пред рекламата да се префрли на Кејн кој се вакцинира во моментот.

Кејн во рекламата се претставува и вели дека штотуку ја примил вакцината против ковид. „Не болеше – но тоа не го знаат многу луѓе“, порача тој.

Режисерите му се заблагодарија на Кејн и додадоа „Известете го оној малечкиот дека не ја доби работата“.

Фото: EPA-EFE/CLAUDIO ONORATI

Кога проговори за рекламата, Елтон Џон изјави дека само сакал да придонесе во јавната свест за луѓето да ги видат предностите од вакцинирањето, со кое може да се заштитат себе си и своите најблиски.