Нема теоретска шанса земјотресите во Турција на границата со Сирија да се пренесат на Балканскиот регион, премногу е далеку за такво нешто, вели во интервју за Рацин.мк д-р Предраг Гавриловиќ, долгогодишен експерт за земјотресно инжинерство и експерт на УНЕСКО за заштита на светското кулурно-историско наследство од штети што можат да ги предизвикаат сеизмичките потреси.

Разговорот го водеше Мирјана Василева

Повод за разговор со д-р Предраг Гавриловиќ, експерт по земјотресно инжинерство е настанот што ја вознемири целата јавност, силниот, катастрофален земјотрес во југоисточна Турција. Професоре вие со години таму работевте. Што всушност се случи под површината на земјата?

Ова што сега се случува е всушност е последица на контактот на јужноарабиската тектонска плоча со турската, односно анадолиската тектонска плоча. Тоа е процес, а индикациите последните години покажуваа дека тој контакт е доста активен, невообичаено активен дури и со поместување на земјината површина од неколку сантиметри годишно што не е карактеристично за тектонските пореметувања.

Во актуелниот момент често пати во јавноста и медиумите го поставуваат прашањето, имајќи предвид дека Балканот и Македонија се исто така во ризично, трусно подрачје, колкава е можноста таа вибрација од земјотресот во Турција кон овој дел. Не случајно многу експерти за земјотресно инжинерство велат дека треба да се научиме да живееме со земјотресите, но и да се заштитиме.

Нема теоретска шанса земјотресите во Турција на границата со Сирија да се пренесат на Балканскиот регион. Премногу е далеку за такво нешто. Меѓутоа и ние си имаме свои тектонски пореметувања, и ние сме активно тектонско подрачје коешто во кое треба да живееме.

Колку сеизмологијата и инжинерството можат да помогнат да се спречат толку многу жртви при катастрофални земјотреси кога видовме дека голем број станбени објекти паднаа како кула од хартија?

Да, станува збор за примена на современи технологии при градење на објекти и за заштита на објекти од сеизмички дејства. Сеизмички дејства се случувале, ова не е неочекувано, но сепак се работи за една од поголемите катастрофи во последните 500 години.

Она што може да го направи современата наука е во процесот на градење да се земат во предвид карактеристиките на потенцијалот за сеизмичкиот ризик, значо она што може да се случи, и тоа да се вклучи во технологијата на градењето, на прописите, како и за целосна заштита на човечките животи, за заштита на објектите од културно наследство и се друго.

Во вашата професионална кариера работевте од самиот почеток на изградбата на Скопје после земјотресот. Бевте вклучени како експерти на УНЕСКО и на многу фондации за заштита на културните споменици, на културното светско наследство. На тој план работевте и во Турција, а според последните информации еден од светските културно-историски мионументи, кулата во Дијарбекир веќе не постои. Како може да се заштити ова бесценето богатство кое ни говори за минатото и цивилизацијата:

Постојат технологии, развиени технологии, посебно во денешно време со примена на нови материјали, со минимална интервенција. Суштината е да нема големи интервенции, а да се постигне голема заштита. Со примена на нови материјали, само треба да се направи ни еден темелен приод. Ние направивме во Институтот неколку такви испитувања на неколку карактеристични објекти кај нас, на цркви и џамии, и покажавме дека со минимална интервенција на постојните конструкции, со соодветно, без нарушување на оригиналноста, можеме да ја постигнеме целта и да ги заштитиме во иднина.

Тој дел (на погодениот регион во Турција) е карактеристичен по тоа што таму имате преклопување на она што значи историја, она што значи големи цивилизациски наследства. Таму имате споменици од Отоманскиот период на Турција, од византискиот, од римскиот и така натаму и така натаму. Тоа е познат регион од тој аспект и нему му се посветува посебно внимание и тами се издвојуваат два центра коишто се од посебна важност. Тоа се Дијарбекир и вториот, Немруд, односно Немруд Даг што значи Немруд Планина. Во Немруд има остатоци од вториот до првиот век пред нашата ера на стари Македонци кои на враќањето на војските на Александар Македонски формирале таму своја држава Комаѓене и градат споменици од исклучително значење, со тоа создавале своја историја. Во првиот век пред нашата ера таму доаѓаат восјките на Римската Империја и таа цивилизација исчезнува, но останало културно-историското наследство како што се огромните споменици со ликови на античките грчки богови и со исписи на кои кралот Антиохос напишал дека е Македонец кој доаѓа од селото Гене. Овие  споменици заслужуваат да бидат заштитени и веројатно откако ќе заврши спасувањето на човечките животи и со отстранување на штетите од земјотресот, ќе настапи и периодот на заштита на културното наследство.