Екипата на Аталанта обезбеди пласман во четвртфиналето на италијанскиот Куп откако вечерва на домашен терен го совладаа Калјари со 3:1.

Фудбалерите на Аталанта доминираа на теренот, упатија дури 28 шута, од кои 15 беа во рамките на голот и е вистинско чудо како не дојдоа до поубедлин триумф. Заслугите за тоа одат на сметка на голманот на Калјари, Викарио кој сепак три пати мораше да ја вади топката од својата мрежа.
Водството за Аталанта го донесе Алексеј Миранчук во 43. минута за на стартот од второто полувреме, Калјари да израмни преки Рикардо Сотил во 55. минута.

Дилемите околу победникот беа решени за три минути, прво Луис Муриел во 61. минута зголеми на 2:1, а Бошко Шутало во 64. минута го постави конечниот резултат.
Противник на Аталанта во четвртфиналето на италијанскиот Куп ќе биде подобриот од дуелот Лацио – Парма.
Пласман во четвртфиналето обезбеди и Спал кој како гостин го совлада Сасуоло со 0:2. Головите за триумф ги постигнаа Мисироли во 49. и Дикман во 58 минута.