Британските власти досега вакцинираа над 18 милиони лица, а кај 30 се појавило згрутчување на крвта. Кога станува збор за смртните случаи, засега не е потврдено дека причината е вакцината
Во Велика Британија со вакцината на „Астра Зенека“ се имунизирале 18 милиони лица, а регистрирани се 30 случаи на згрутчување на крвта по вакцинирањето. Од нив, има седум смртни случаи, но засега не е потврдено дека вакцината го предизвикала згрутчувањето на крвта.

Ваквите податоци ги објави британското регулаторно тело за лекови МХРА.

„Придобивките од спречувањето на инфекцијата со ковид-19 и компликациите од инфекцијата сè уште ги надминуваат сите ризици од вакцината и жителите треба да продолжат да примаат вакцина кога ќе бидат повикани за имунизација“, изјави за „Би-би-си“ Џун Рајн, раководител во МХРА.

Од 30 случаи на згрутчување на крвта, во 22 станува збор за тромбоза на мозокот

Поради појавата на згрутчување на крвта по вакцинирањето со „Астра Зенека“ некои земји привремено ја прекинаа, а подоцна и ограничија употребата на оваа вакцина само на повозрасните лица. На пример, Канада ја суспендираше употребата на ова вакцина на лицата под 55 години, додека Германија за оние под 60 години.

Во Северна Македонија, пак, има само еден случај со 28-годишна девојка кај која се појавила тромбоза на окото по вакцинирањето во Србија. Девојката, како што информираа здравствените власти, е во добра состојба.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во денешната изјава за медиумите, рече дека кај возрасните пациенти (над 77 години) кои досега се вакцинираа нема пријавени несакани ефекти. На сила останува одлуката на здравствените власти со „Астра Зенека“ да се вакцинираат само лица над 60 години, барем додека не се добие одговор од Европската агенција за лекови (ЕМА).

„Како што гледаме и како се одвиваат работите во однос на вакцината на ’Астра Зенека‘ ќе почекаме официјална одлука на бордот на ЕМА. Засега таа оди само кај постарата категорија на граѓани од кои досега нема пријавено ниту една несакано дејство освен оваа млада девојка која имаше тромбоза на едната вена на окото. Друг несакан ефект нема пријавено од која било вакцина“, рече Филипче.

Досега, ЕМА и СЗО излегуваа со првични ставови дека вакцината е безбедна и придобивките од вакцинирањето се поголеми отколку ризиците.