Додека семејството на трагично настраданиот кошаркар се подготвува да ја одбележи годишнината од смртта на саканиот татко и сопруг Коби Брајант и нивната миленичка Џиџи, во семејството пристигнуваат нови маки.
Ванеса Брајант, вдовицата на легендарниот кошаркар Коби Брајант, ја тужеше својата мајка Софија Лајин (68) поради обид да изнуди 5.000.000 американски долари.
Софија ја бара оваа сума пари како поддршка од семејството Брајант и тврди дека таа со години без паричен надоместок работела како лична асистентка и дадилка кај својата ќерка и зет. Таа додава и дека Коби пред својата смрт ѝ ветил дека секогаш ќе води сметка за неа.
„За жал ветувањата на Коби Брајант не се исполнети бидејќи тој почина, а Ванеса Брајант прави сè што е можно за да го поништи тоа што Коби ѝ го ветил на Софија“, се наведува во судските записи.
Вдовицата на Коби и ќерката на Софија истакнува дека во ништо од наведеното нема вистина и дека нејзината мајка само се обидува да изнуди пари.
„Ја издржував својата мајка речиси 20 години, а таа никогаш не била мој или личен асистент на Коби, ниту била дадилка. Секогаш бев домаќинка која не работеше и мојот маж и јас им бевме 100 проценти посветени на нашите ќерки“, напомена Ванеса.
Таа додаде дека својот семеен живот го организирала така што нејзината мајка секогаш живеела во близина.
„Коби и јас сметавме дека за неа е најдобро да не живее во нашата куќа. Па токму затоа гледавме да сме во одвоени куќи но секогаш близу, бидејќи многу си помагавме. Таа сега сака да ми наплати 96 долари по час за наводна работа од 12 часа дневно за полни 18 години бидејќи доаѓала да се види со своите внуки. Нејзините наводи се очигледно лажни“, истакна Ванеса.
„Таа воопшто нема ниту срам ниту жал за смртта на мојот сопруг Коби Брајант и мојата ќерка, а нејзина внука Џиџи Брајант“, заклучи Ванеса.
Преземено од Еспресо.мк