Со која вакцина ќе ја примите како прва доза со таа ќе ја завршите имунизацијата против ковид-19. Ако првата доза е од „Астра-Зенека“, таква мора да биде и втората. Истото ќе важи и за вакцините од кинескиот производител „Синофарм“ и американскиот „Фајзер“, велат од Министерството за здравство.

Граѓаните нема да може да избираат од кој производителот ќе биде вакцината со која ќе се имунизираат, односно ќе добијат каква ќе има моментот во местото каде ќе ја примаат. Вакцините против коронавирусот се даваат во две дози, иницијална и бустер-доза, за да ги стимулираат клетките на имунолошки одговор.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести не ги охрабрува луѓето да ги мешаат вакцините, освен во исклучителни ситуации, како што е недостигот на вакцини кои ги примиле поради застој во дистрибуцијата. Во тек се неколку истражувања за тоа како комбинирањето на две дози од различен производител влијаат на организмот, но резултатите уште се чекаат. Во Велика Британија научниците почнаа студија во којашто ќе мешаат две ковид-вакцини во обид да видат дали на таков начин ќе се зголеми имуниот одговор на граѓаните.

Вакцинацијата, што почна со здравствените работници на Инфективната клиника, досега опфати 453 лекари и медицински сестри и продолжува и понатаму. Кон крајот на февруари во Македонија ќе стигне вакцината на кинескиот „Синофарм“ – 200 илјади дози. Преку КОВАКС-механизмот за во март се најавени првите дози за Македонија. КОВАКС во Македонија ќе дистрибуира вакцини на „Астра-Зенека“, помеѓу 103 и 175 илјади дози, кои треба да стигнат во два наврата до јули.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.