За само година и половина Бугарите утре по четврти пат ќе гласаат на предвремени парламентарни избори. Анкетите покажуваат дека значителна предност има ГЕРБ на Бојко Борисов, а зад него е „Продолжуваме со промените“ на доскорешниот премиер Кирил Петков. Истражувањето на ГАЛУП покажува дека во Собранието ќе влезат најмалку шест партии, а на самиот изборен праг се наоѓаат уште две. Според новинарката на бугарската новинска агенција, Маринела Величкова, ниската излезност ќе овозможи влез на осум партии во Собранието, што дополнително би го усложнило процесот на формирање Влада.

„Ниту една од двете партии, вклучувајќи ја и ГЕРБ која според последните социолошки истражувања е со најголем резултат, не би можела во ваква ситуација самостојно да состави Влада. Ако од последните избори Бугарија имаше Влада од четири партии, сега очигледно ќе биде пофрагментирано и уште потешко да биде составувањето на една таква Влада, но претстои да видиме. Самостојно, ниту една партија не би можела да направи кабинет, а периодот е тежок“, рече Маринела Величкова – новинар на БТА.

Величкова додава дека во фокусот на предизборната кампања е справувањето со економската и енергетската криза и сега, особено по одобрувањето на францускиот предлог, темата за Македонија воопшто не наоѓа простор во политичкиот дискурс.

„Парламентот даде согласност за предлогот за преговарачката рамка и со тоа оваа тема заврши. Со исклучок на одредени пикови, како случката на стадионот од пред неколку денови кои создаваат дополнителна тензија и по еден или друг начин се коментираат… Но, Македонија не е тема број еден во Бугарија“, додаде таа.

Според податоците на бугарската изборна комисија, во Македонија за гласање се пријавиле 181 бугарски државјанин. Ќе се гласа во амбасадата во Скопје, конзулатот во Битола, како и во Велес, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Струмица и Штип./Alsat.mk

Лука Андреев