Илина Бакев е менаџер на претставништвото на компанијата „Мамас“ („Mama’s“) во Австрија. Експерт по маркетинг, мајка на две девојчиња, сопруга и маратонец по хоби, но и животно уверување. Успехот го сонува и го трасира на долги патеки.

Пробивате македонски бренд на европски пазар каде што конкуренцијата е огромна и безмилосна. Каде бевте и до каде стигнавте?

– „Мамас“ е македонски бренд кој постои веќе 10 години и е етаблиран на европскиот, па може да кажам и на светскиот пазар. Многу често добиваме изјави како „јас го знам овој производ, го имам видено во таа и таа земја/продавница/фри-шоп на аеродром“. Покрај врвниот квалитет, уникатното брендирање на нашиот производ, па и самото име на брендот кој е интернационален и на секој пазар има исто значење го прави препознатлив.

Конкретно во Австрија, нашите производи беа многу малку, да не речам воопшто не беа присутни пред неполни 3 години. За овој краток период откога е основана компанијата во Австрија, успеавме „Мамас“ да го позиционираме во најексклузивните супермаркети „Била Корсо“, „Меркур хотел мркт“ и „Спар“ („Billa Corso“, „Merkur Hoher Markt“ и „Spar“), некои од нив се наоѓаат во центарот на Виена на „Стефансплац“ („Stephansplatz“), улицата „Карнтнер“ („Кärntner“), „Мицхаелерплац“ („Мichaelerplatz“) кај Хабсбуршката палата. Во декемри 2019 година, освоивме награда од Веганската асоцијација на Австрија за нашиот уникатен производ „Мамас“ ајвар со веганско сирење. За време на пандемијата видовме кој потенцијал го имаат и интернет-продавниците, така што успеавме да направиме соработка со неколку најголеми интернет продавници во Австрија меѓу кои е и Амазон.

Бизнис-климата за балкански производи во Австрија е одлична, бидејќи има околу половина милион Балканци кои живеат во оваа земја. Исто така, во супермаркетите има одреден дел наменет само за производи од овие земји, бидејќи побарувачката за нив е голема.

Како ја оценувате бизнисклимата овде за производи од Балканот, кои се предности, кои слабости?

– Бизнис-климата за балкански производи во Австрија е одлична бидејќи има околу половина милион Балканци кои живеат во оваа земја. Исто така, во супермаркетите има одреден дел наменет само за производи од овие земји бидејќи побарувачката за нив е голема. Потешкотии со кои ние се соочивме при влез на овој пазар се тоа што веќе има голема, етаблирана конкуренција, а местото на полиците во овие продавници е ограничен. Процесот на убедување и објаснување зошто треба да биде „Мамас“ достапен, а не друг бренд, е макотрпен и трнлив. Но, со долгорочна стратегија, инвестирање во маркетинг, организирање на многу дегустации, чекор по чекор сме сѐ поблиску до нашата цел. Секако, многу олеснителна околност е тоа што нашите производи се присутни во супермаркетите во околните земји, па имаме референца на која да се повикаме.

Дали се среќавате често со менаџери и дали согледувате разлики во менаџирањето овде во споредба со Македонија?

– Разлики има првенствено културолошки, а потоа и организациски. Австријците се многу организирани, конкретни и јасни во насоките, имаат систем кој важи за сите – ако сакаш да се вклопиш, ќе мора да го прифатиш. Се цени индивидуалноста и идеите на секој поединец без разлика на која работна позиција се наоѓа човекот. На состанок доколку дојдете неспремен, тешко дека ќе добиете втора шанса. Доколку речат дека ќе добиете одговор во дадениот рок, навистина е тоа така. Имаат чувство на одговорност кон своето работење, но и кон времето и трудот на другиот. Она што најмногу мене ме воодушевува е тоа што секој е спремен да застане зад она што го работи, бидејќи системот за награди (бонуси) и казни, функционира одлично.