Украина денеска соопшти дека руските сили го гранатирале регионот Херсон 53 пати во изминатите 24 часа, пренесе украинската новинска агенција Укринформ.

Информацијата ја соопшти украинскиот регионален гувернер на Херсонската област Олександр Прокудин на „Телеграм“.

Во гранатирањето се повредени девет цивили, се наведува во соопштението.

Во изјавата на Прокудин се вели дека руските сили на 3 август истрелале 241 проектил со хаубици, артилерија, тенкови, беспилотни летала и други авиони во областа Херсон. Против градот Херсон беа истрелани 42 гранати.

Според Прокудин, цел на руските проектили биле станбени области во населени места во Херсонската област, како и неколку објекти во Херсон, вклучувајќи црква, парк, зграда на верска институција, кино, инфраструктурен објект, трговски центар, зграда на здравствена установа и зграда на казнено-поправна установа.