Околу осум илјади квадратни километри територија е ослободена од почетокот на украинската контраофанзива, информираат властите во Киев. Најголем напредок изминативе денови Украинците постигнаа во харковската област, а локалните жители сведочат за руското повлекување.

„Никој ништо не знаеше за ослободувањето, Русите едноставно се повлекоа“, рече Вјачеслав Мироненко – жител на Харков.

„Бегаа како глувци. Трчаа и оставаа сè зад себе – возилата, но и своите луѓе. Дури и пукаа во еден свој кој беше ранет само за да се извлечат“, вели еден украински војник.

Украинскиот претседател Зеленски денеска пристигна во еден од поголемите градови кои до неодамна беше окупиран – Изјум. На свеченото кревање на украинското знаме во центарот на градот, тој кажа дека ова ќе се случи во секој украински град и село.

Пентагон пак, оцени дека Русите биле изненадени од украинската контраофанзива, но според претседателот Бајден рано е да се каже дека ова е пресвртница во војната.

„Јасно е дека Украинците постигнаа значителен напредок, но мислам дека патот ќе биде долг“, рече Џо Бајден – претседател на САД.

Кремљ не потврдува дека руската војска се повлекува. Оттаму велат дека станува збор за прераспоредување и насочување на силите кон регионот на Донбас. Сепак, проруски воени лица од регионот велат дека била направена лоша проценка, а слични ставови веќе започнаа да споделуваат и аналитичари во гостување на руските најгледани медиуми, повикувајќи Москва да седне да преговара. Во меѓувреме, локални политичари од Санкт Петербург, Москва и други делови на земјата покренаа петиција, барајќи оставка на Путин, поради, како што наведуваат, воените загуби во Украина и економските штети, предизвикани од западните санкции. Од Владата реплицираа дека критиките се дел од плурализмот.

Лука Андреев