Владимир Перев

Се сеќава ли некој на Јован Стојановски, попознат како Јове Рибарот, староседелец од скопски Чаир а подоцна, со куќа во центарот на Скопје. Тој, заедно со охриѓанецот Ацо Марко(ски) беа активни учесници во случајот “Радко“, за потоа да бидат судени и осудени на затвор во траење од шест месеци. Да се присетиме на случајот!

На 27.10.2000 година, во салата на хотелот “Холидеј Инн“ во Скопје, свечено беше промовирано ПРВОТО здружение на македонските бугари, наречено “Радко“, по симболичното и конспиративно име на последниот лидер на ВМРО Иван Михајлов. Председателот на здружението Владимир Панков требаше да го одржи промотивното предавање за здружението, пред собраниот аудиториум во кој беа и бугарскиот амбасадор во РМ Ангел Димитров и голем број гости од Бугарија, народни пратеници, функционери и новинари. Некаде на половината од излагањето се почуствува дим во салата, за да се утврди дека тројца скопски гамени, предводени од поранешниот новинар на “Нова Македонија“, Спасе Шуплиновски се активните учесници во инцидентот. Двајца крупни межи меѓу присутните, Јове Рибарот и охриѓанецот Ацо Марко ги фатија сторителите, некои и ги удрија, но тројцата млади гамени-сторителите, побегнаа од местото на настанот, а Спасе Шуплиновски, кој падна во турканицата, стана и си остана на местото. Не се жалеше на ништо. Подоцна поднесе тужба до судот за наводно направена “тешка телесна повреда“, односно скршена рамена коска на едното рамо.

Така почна прелудиумот кон голготата која ја доживеаја Јове Рибарот и Ацо Марко. Почна судскиот процес, со низа наместени лекарски уверенија од кои се гледаше дека оштетениот Спасе навистина има калцификација на едното рамо, но дека се работи за стара повреда, дотолку повеќе што од снимките на настанот се гледаше дека тој во турканицата паднал на едното рамо, а повредата е на другото рамо, повреда стара десетина години!

Во тоа време со Македонија неприкосновено владееше ВМРО ДПМНЕ, а властелинската тројка Љубчо Георгиевски-Доста Димовска-Љубе Бошковски, реши да не се меша во работата на правосудните органи, па двајцата обвинети беа оставени на правда и правосудство какво што ни е познато. Заработеа старите СДСМ-овски и УДБ-ашки врски, се активира србоманската и антибугарска “подземна“ држава, па судбината на двајцата обвинети беше речи си предодредена.

Крајот дојде пет години подоцна. На 7.10.2005 година, Основниот суд Скопје (Вангелина Маркудова и поротниците Цветанка Пепоска и Михаил Иваноски) донесе пресуда со која двајцата обвинети, Јове Рибарот и Ацо Марко се осудуваат на по три месеци затвор и надомест на судските трошоци, како и надомест на штета на оштетениот Спасе Шуплиновски. Следеа жалби, како од осудените (обвинетите) така и од Јавниот обвинител, па скопска Апелација (судија Јордан Митриновски, членови Мирјана Дуковска и Славица Бојаџиевска), решавајќи по жалбите на 9.03.2006 година донесе пресуда со која се зголемува казната двојно-по шест месеци ефективен затвор за секој од обвинетите и соодветен надомест на трошоците. На 4.04.2006 година Јове Рибарот доби налог за спроведување во затворот во Шутка и со тоа победоносно се заврши антибугарската кампања во Македонија, како јасно предупредување дека сите оние кои и ќе помислат да направат таков или сличен чин-освојување на правата на македонските бугари во нивната држава- ќе бидат брутално казнети. Во меѓувреме, 2001-та се случи македонско-албанскиот конфликт, па ВМРО ДПМНЕ стоеше далеку од секаква помисла за правата на македонските бугари, трудејќи се да го зајакне својот македонистичко-патриотски предикат во претставувањето пред сопствениот електорат. Судбината на обвинетите беше запечатена. Јове Рибарот во Шутка во Скопје, најлошиот затвор во Европа, а Ацо Марко, во охридскиот затвор.

Низ судските записници интересно е да се гледаат сведочењата на сведоците. Речи си сите потврдуваат дека оштетениот Спасе сам паднал, дека не бил удиран и дека е паднат баш на тоа рамо каде што нема повреда. Сведочат Ристо Јованов, пратеник од ВМРО ДПМНЕ во првиот состав на новата македонска држава, Благој Велинов, Панде Ефтимов, Павле Манев и ред други. Нивните сведочења се во прилог на обвинетите, но судот (судија Вангелина Маркудова и двајцата поротници) ги отфрла како неверодостојни и пристрасни. Едниот свидетел, Павле Манев е пензиониран окружен судија, а Панде Ефтимов е бивш политички осуденик во последниот голем процес против “државниот непријател“, читај михајловистите/бугарите, воден во СФРЈ/СРМ во 1974 година. Интересното е дека Павле Манев бил председател на судечкиот совет кој го судел Панде Ефтимов и го осудил на четири години строг затвор, но сега тие заедно даваат идентични изјави во полза на обвинетите. Тие беа луѓе со доблест, ја кажуваа вистината.

Медиумите немаат милост кон “бугарашите“. Распнувани се на крст на сите телевизии и списанија, а младите мангупи се претставувани како бранители на македонската нација и држава, како “новите комити“, а и самите тие се гордеат со делото. Може би и нивниот ментален капацитет бил во толкав формат, но медиумите се целосно некритични и еднострани. Напротив, ја подгреваа атмосферата за по остри осуди! Еве ја изјавата на еден од “новите комити“ дадена за весникот “Вечер“ на 27.09.2005 година:

Собирот го растуривме со димни бомби оти правеа странска пропаганда”, рече вчера, на продолжението на судската постапка за инцидентот што на 27 октомври 2000 година се случи на промоцијата на Здружението на граѓани “Радко”, сведокот Борис Нешовски. Тогаш, на платото пред хотелот “Холидеј Ин”, откако привремено поради фрлените бомби беше прекината церемонијата на прогласувањето на “Радко”, беше повреден новинарот Спасе Шуплиноски. Го нападнаа Александар Марковски и Јован Стојановски. Двајцата се обвинети за нанесување тешки повреди.
Сведокот Нешовски рече дека никој не го викнал да дојде на промоцијата
, туку за настанот разбрал од телевизија. Во “Холидеј Ин” дошол со другарите со кои, откако почнал да говори претседателот на Здружението, фрлиле три чадни кутии и призна дека токму тој ја фрлил “бомбата” кон претседателот на “Радко”. Во продолжението беа предложени нови докази, но судот категорично ги одби сите предлози. Судењето пролоджува за две недели кога застапникот на обвинението и адвокатите на обвинетите треба да ги кажат завршните зборови. (К.Ѓ.)

Ваквото јавно признание на еден од сторителите на инцидентот, не предизвика никакви правни или морални последици во македонското општество, поточно во правосудието и обвинителството. Зелениот сигнал за ликвидирање на сите “бугарашки“ елементи во Македонија беше одамна даден, некаде по 1913 година, за да се претвори во државна политика на три држави-Кралството СХС, титовата Југославија и современата македонска држава, тогаш ПЈРМ, а денес РСМ. За сто години ништо не се беше променило!

Судбината на актерите на оваа “национална“ драмолетка е различна, за многумина конечна. Свидетелите Благој Велинов, Панде Ефтимов и Павле Манев починаа како чесни луѓе, опкружени со вниманието на своето семејство. Ристо Јованов ретко излегува од дома, но редовно ги следи сите собитија и има целосен увид во политичката ситуација во земјата. ВМРО ДПМНЕ и покрај целиот напор да се прикаже како македонистична партија, ги загуби изборите во 2002 година, а судбината на раководството ја знаеме!

Спасе Шуплиновски почина на непозната дата, растргнат од тешки психосоматски болести и од сопствената семејна трагедија. По иронија на судбината, ќе остане запаметен како идејниот творец на денешното македонско знаме. Тој, македонецот, го замени знамето од Вергина, со “вентилаторот“, толку омразеното знаме на “македонците“ од РСМ.

Здружението “Радко“ беше забрането од Уставниот суд на Македонија, по претставка на две минорни личности од светот на истото тоа правосудие кое ги осуди Јове Рибарот и Ацо Марко. Владо Панков замина во емиграција во Бугарија, се врати во Македонија и го доби спорот пред судот за човекови права во Стразбур. Одново го регистрира “Радко“, но прерано замина од овој свет. Почина на 7 јануари 2019 година.

По целосно издржаната казна од шест месеци во Шутка, Јове Рибарот се врати во нашиот свет како човек со неколку тешки заболувања. Лошите затворски услови, поодминатите години и веќе стекнатите болести од по рано, си го направија своето. Почина на 11 март 2010 година од канцерозни промени во организмот и констатирана срчана исхемија. Умираше долго, мачно и тихо. Така го заврши својот живот “бугаринот од Чаир“, ветеранот на бугарската кауза во Македонија.

Ацо Марко е сеуште здрав и жив. Од затворот излезе економски и финансиски сосипан, но со бодар дух. Често може да се види на охридските улици, а неговиот рапав глас, може да се чуе во честите јавувања во утринските програми “за гледачите“ на македонските телевизии…дискретно ја брани бугарската кауза во Македонија!

Интересно е да се напомене дека сега актуелниот амбасадор на Република Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов присуствуваше и на погребението на Владо Панков, како амбасадор и на Јове Рибарот, како chargé d’affaires во тој период. И на двата погреби поднесе венци од името на бугарската држава. Тоа беше признанието за нивната жртва.

Во светот на антибугарската Македонија, ништо не е променето. Поуките од борбите со албанците во 2001-та не се прифатени, а Охридскиот договор и амнестиите се заборавени кога се говори за правата на луѓето со бугарска самосвест. Во Струмица сѐуште има улица со името на Мара Минанова, главниот инспиратор и чинител за убиството на петмината струмички студенти…ние ништо не учиме, ништо не прифаќаме. Затоа и стоиме на место.

Изострената ситуација со “бугарските клубови“, обвинувањата дека бугарите се “фашисти“, барања за некакви репресивни мерки кон нив, мирисот на некакво латентно насилие и слично, не се добриот патоказ кон иднината. Тоа насилие е видено и по рано. Без резултати! Поднесувањето венци на покојниците од страна на бугарските дипломати е слаба утеха за оние кои се живи и во вителот на собитијата.

Иако времињата се во многу нешта променети, сепак, кај нас, може и ништо да не се промени. Тогаш “убивањето на Јове Рибарот“ ќе биде перманентна појава во нашето општество, но и творците на тоа треба да можат да живеат и опстојат со “убивањето…“!