Турската полиција уапси лице осомничено дека ja поставило бомба што експлодираше во пешачката зона во центарот на Истанбул во неделата, при што загинаа најмалку шест, а беа повредени десетици луѓе, соопшти N1, цитирајќи ги Ројтерс и ДПА.

Advertisements

Бомбата експлодираше во неделата околу 16:20 часот по локално време на авенијата Истиклал, улица со бројни кафулиња, ресторани, кина и продавници.

Според достапните податоци како што пренесува медиумот, најмалку шест лица загинале во експлозијата, а 81 лице е повредено, од кои двајца потешко.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди „кукавичкиот напад“ во неделата.

„Првите информации упатуваат на заклучок дека се работи за тероризам“, рече Ердоган.

Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот.

Утринава министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави, според извештајот на државната телевизија ТРТ, дека полицијата го уапсила лицето кое ја поставило бомбата.

Осомничено е лице поврзано со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), јави ТРТ.