Маж од Мајорка кој зарази 22 лица со коронавирусот е уапсен под обвинение за напад, бидејќи, и покрај симптомите на ковид-19, одел на работа и во вежбалница.

Полицијата на тој шпански остров ја започнала истрагата на крајот на јануари, по избувнувањето на жариштето во градот Манакор, по извештајот дека вработениот „се заразил, но ја сокрил својата болест“, се наведува во вчерашното полициско соопштение, пренесува „Гардијан“.

Неколку дена пред да биде откриена епидемијата, мажот почнал да покажува симптоми кои предизвикувале загриженост кај неговите колеги, но тој не сакал да оди дома.

На крајот на денот, тој отишол да направи ПЦР-тест, но тој не го почекал резултатот, туку веќе утредента се вратил на работа и, исто така, отишол да вежба во локалната спортска сала.

На работа, и менаџерот и персоналот инсистирале да оди дома за да не ги зарази другите, бидејќи имал температура поголема од 40 степени Целзиусови.

Меѓутоа, тој ги игнорирал,  и го поминал денот шетајќи се низ своето работно место, намерно спуштијќи ја маската додека кашлал и им се потсмевал на колегите, велејќи им: „Ќе ве заразам сите со коронавирус“, соопштила полицијата.

Кога пристигнал позитивен резултат на ПЦР-тест, биле тестирани и неговите колеги, од кои пет имале позитивен тест и кои исто така заразиле неколку членови на семејствата, вклучувајќи три едногодишни бебиња.

Во вежбалницата биле заразени и три лица кои биле во директен контакт со него и го пренеле вирусот на членовите на семејството.

Полицијата изјавила дека неговите постапки резултирале со вкупно 22 инфекции, иако на ниту едно болно лице не му требало болничко лекување.