Платата за ноември 2020 година не ја примиле 782 вработени од нивните газди кои добиле финансиска помош од државата, а парите си ги задржале за себе. Станува збор за 245 компании, кој имаат рок од една недела да им ги исплатат платите на вработените, во спротивно ќе следува присилна наплата и блокада на нивните трансакциски сметки од УЈП. Најголем дел од овие фирми се од Скопје, а другите се од Тетово и Гостивар. Веќе во тек е присилната наплата кај 17 компании кои и покрај опомената за октомври не исплатиле плати, а на сметка добиле државна финансиска помош. Вкупниот број на компании кои не исплатиле плати за април, мај или јуни е 125 и за нив веќе се поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, информираше дека за ноември минатата година поднесени се 13.851 барања и на 13.178 работодавци е исплатено 1.028.448.344 денари за вкупно 65.950 вработени.

– Со состојба од 29 ноември 2020 година, 596 работодавци кои примиле финансиска поддршка од 36.655.907 денари не ја исплатиле ноемвриската плата на 2.421 вработен но со состојба на 31 декември 2020 година бројката се намалила на 245 работодавци кои не ја исполниле обврската за 782 вработени. За овие 245 работодавци изготвени се опомени за неисплатена плата, а ако не ја исплатат во рок од една седмица ќе следи присилна наплата на плата со блокада на нивната сметка и пренос на трансакциските сметки невработените лица. Во ноември 351 работодавец исплатиле плата по опомената на УЈП, истакна Лукаревска.

Од компаниите кои не исплатиле плати во ноември, 43 се од дејноста трговија на мало кои не им исплатиле на 84 вработени, 37 фирми за подготвување оброци и служење храна и не им исплатиле на 108 вработени, а 22 фирми се од транспортот кои не исплатиле плати на 127 работници. Најмногу од фирмите се од Скопје 73, потоа Тетово 22, Гостивар 10 и други, кои не исплатиле плати на своите работници.

– Сто седумдесет и девет компании кои примиле финансиска поддршка, а не ја исплатиле платата за октомври, по спроведените активности на УЈП овој број намален е бројот на 17 компании кои за 41 вработен примиле финансиска поддршка од 641.206 денари. Кај овие компаниите е во тек постапка на присилна наплата на неисплатена плата од парични средства на трансакциска сметка, појасни Лукаревска.

Директорката на УЈП информираше дека за компаниите кои не ја исплатиле платата за април, мај и јуни 2020 година, спроведена е присилна наплата за исплата на плата. Вкупниот број компании кои не исплатиле за еден два или три месеци е 125 за кои се поставени податоци во ЈО за поведување кривична постапка.

Листата со компании кои не ја исплатиле платата на работниците за ноември, а користат државна помош ќе биде доставена на Генералниот секретаријат за јавна и транспарентна објава на неплаќачите.