Министерот за правда Никола Тупанчески коментирајќи го изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК синоќа изјави дека лично не го познава и оти обвинителите се тие кои одлучиле за изборот, но дека за кратко ќе се знае дали е избран вистинскиот ќовек за тоа место. Тупанчевски исто така најави дека до крајот на ноември треба да биде пуштена во употреба најголемата судница во државата.

– За краток временски интервал ќе се знае дали е избран вистинскиот човек. Гласаа 163 обвинители. Изборот го направија тие. Се работи за сериозна функција каде се постапува по комплексни теми. Какви ќе бидат резултатите и довербата за тој јавен обвинител ќе покаже времето. Во секоја професија има луѓе кои заслужуваат истата да ја извршуваат или не. На секој треба да му дадеме шанса, потенцира Тупанчески во интервју за 360 степени.

Тој смета дека во иднина би било добро да има измени во однос на построги правила и критериуми за избор на прв човек на ова обвинителство. Главниот проблем според Тупанчески не е квалитетот на законите туку капацитетот на институциите, интегритетот и начинот на правораздавање.

Во интервјуто министерот за правда соопшти дека најголемата судница во државата ќе биде пуштена во употреба до крајот на ноември. Во неа ќе им се суди на притворени како и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен. Судницата е лоцирана во Идризово.

-Постоеја бирократски пречки кои го отежнуваа досегашното пуштање во употреба на судницата. Во завршна фаза е подготовката на овој проект. Јас ќе се обидам до крајот на ноември да се пушти во употреба судницата. Со ова на годишно ниво ќе се заштеди  од 1,5 до 2 милиони евра, рече Тупанчески.