Три болници во Либан, меѓу кои и една во близина на јужните предградија на Бејрут, објавија денеска прекин на своите активности поради израелските напади врз земјата, пренесува либанската новинска агенција АНИ.
Приватната болница Сент Тереза во близина на јужните предградија, каде што е седиштето на Хезболах, соопшти дека ги прекинува услугите поради блиските бомбашки напади и пријави голема штета во објектот со кој управуваат калуѓерките.
Две јавни болници во јужен Либан исто така најавија прекин на нивните активности. Болницата Маис ал Џабал во близина на границата ги „прекина сите услуги“ поради израелските напади и тешкотиите во снабдувањето и пристапот.
Директорот на болницата Марџајун, трета установа, изјави за АФП дека бил принуден да се евакуира и да ја затвори по израелскиот напад врз спасувачите од организација поврзана со Хезболах која оперирала надвор пред влезот на болницата додека ги транспортирала повредените.
„Во израелскиот напад цел беше амбулантно возило пред главниот влез, што предизвика паника кај персоналот“, изјави д-р Муенес Калакес. Убиени се четворица вработени во Исламскиот здравствен одбор, поврзан со Хезболах, пренесува АНИ.
„Поради недостаток на персонал и бомбардирањата, моравме да ја затвориме болницата“, рече тој, иако неговиот објект е отворен откако израелските напади почнаа да се интензивираат на 23 септември.
„Четири дена немавме анестезиолог или лабораториски експерти затоа што многу луѓе избегаа“, вели Калакеш.
Вчера министерот за здравство Фирас Абијад изјави дека повеќе од 40 спасувачи и пожарникари загинале во израелските напади за три дена. Според него, од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах пред речиси една година загинале 97 спасувачи.
Повеќе од 1.110 луѓе се убиени од 23 септември, според извештајот на АФП заснован на официјални либански податоци. Либанскиот премиер Наџиб Микати денеска ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел „да им дозволи на спасувачите да стигнат до бомбардираните локации за да ги евакуираат“ повредените.
Текстот Три болници во Либан престанаа да работат поради израелските напади: „Лекарите избегаа“ е превземен од МАКФАКС.