Тренерот на Лидс, Марсело Биелса изјави дека може да биде тренер на клубот до крајот на кариерата.

– Секогаш мислам дека засекогаш ќе останам во клубот во кој работам. Секој ден очекувам да го поминам остатокот од мојата кариера во Лидс. Во исто време, честопати други се мешаат во нашата професија. Тренери постојано добиваат откази, тие ретко остануваат во ист клуб подолго време, изјави Биелса за „Goal“.

Оваа изјава веројатно не му оди во прилог на нашиот Џани Алиоски кој не е баш во добри односи со Биелса, односно во последно време не ја добива потребната минутажа. Постојат најави дека по завршувањето на сезоната Алиоски ќе го напушти Лидс.

Лидс е 11-ти во поредокот во Премиер лигата со 35 бода по 27 одиграни натпревари. Договорот на 65-годишниот аргентински фудбалски стручњак со Лидс важи до крајот на јуни 2021 година.