„Во рамки на Министерството за труд и социјална политика има проектна единица, која заедно со Светска банка прави регистар за бенифициран стаж. Правиме анкети, да видиме што е во моментов дозволено што ги задоволува меѓународните стандарди и делот на градежните работници е вклучен овде“ рече министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма.

Таа додаде дека Министерството за труд и социјлна политика, по реакциите во јавноста на предлог-измените на Законот за работни односи предложен од група пратеници ќе се вклучи во доуредување на текстот со цел да се заштитат правата на сите работници.

„Искрено многу ми е криво што во јавноста излегоа шпекулации и се создаде ситуација да се помисли дека Законот за работни односи ќе експлоатира или дискриминира работници. Нема да биде донесен таков закон“ рече Тренчевска.

Министерката кажа дека со измените на Законот за работни односи, наместо осум часа недела ќе се дозволи повеќе прекувремена работа, што ќе зависи од процесот и условите.

„Тоа не значи дека сите работници ќе работат толку часови, колку што ќе биде максималната граница. Се зависи дали во моментот процесот ќе бара да се работи 8, 9 или 10 часа во текот на денот. Во овој момент не може да се каже кои и колку работници ќе работат прекувремено“ рече Тренчевска.