Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Илон Маск, во рамки на истрагата на Одделот за владина ефикасност што тој го предводи, ќе открие милијарди долари злоупотреби и измами во Пентагон.

Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп изјави дека ќе му наложи на Маск да истражи неколку владини институции, вклучително и Министерството за образование и вооружените сили.

„Ќе најдеме злоупотреби и измами во вредност од милијарди, стотици милиони долари“, изјави Трамп, додавајќи дека истрагата ќе вклучува и анализа на трошоците во војската.

Буџетот на американското Министерство за одбрана надминува трилион долари годишно, а во декември претходниот претседател Џо Бајден потпиша нацрт-закон со кој се одобрија 895 милијарди долари за одбраната во фискалната 2025 година.

Маск, кого Белата куќа го назначи за специјален државен службеник, доби задача да ги предводи напорите за намалување на работната сила во федералните служби на САД. Неговите соработници веќе се обидуваат да добијат пристап до доверливи информации во владините компјутерски системи.

Критичарите предупредуваат дека ваквата истрага може да доведе до незаконско откривање на доверливи податоци и дестабилизација на клучни владини агенции без одобрение од Конгресот.

Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц, во интервју за „Ен-Би-Си“ изјави дека Одделот за владина ефикасност ќе се фокусира на потенцијални финансиски нерегуларности во изградбата на бродови за Пентагон, кои тој ги опиша како „апсолутен хаос“.