Тетовските пензионери по прв пат вечерва одржаа протест на градскиот плоштад со цел јавно да ги истакната барањата за повисоки пензии. Тие со испишани пораки порачаа дека со минимални пензии не се живее на денешницата, кога постојано растат цените на храната.

– Барање имаме за линеарно зголемување кај сите пензионери за 3500 денари, покачување на минималната пензија на 18 илјади денари, усогласување четири пати во годината, не два пати. Д се почитува законот, со предвидените параметри за усогласување на пензиите со животните трошоци и 50 посто со платите на вработените. Да се следи растот на инфлацијата, да врати бањско-климатско лекување на пензионерите укинато за време на пандемијата. Да се стават што повеќе лекови на позитивна листа. Ние ќе одиме до крај, додека се исполнат барањата. Не се живее со минимална пензија од десет, 12, 13 илјади денари. Цените секој ден растат, немаат пензионерите лекови да си купат, а не нешто друго, изјави Љубица Ристовска.

Пензионерката Ленче Симовски истакна дека протестот не е политички и не е партиски.

– Се обраќам до сите политички партии и сите 120 пратеници, а посебно до министерката за труд и социјала, да го реши што поскоро нашиот проблем. Жално е што оваа власта дозволи што овие пензионери што ги гледате тука, излегуваат по улици на протест за да се борат за нивните права, а тоа е право на достоинствен живот. Ние сакаме да имаме достоинствен живот. Не сакаме да преживуваме. Сакаме да живееме. Затоа сме овде собрани. Централната власт да ни го овозможи тој живот. Тоа се наши пари, велат дека немаат пари во Фондот. Колку пензионери кои не ја дочекале пензијата, а им се двоеле средства за придонес кај се тие пари заминати. Нека им проработи свеста на власта и пратениците. Наместо да седат дома и да чуваат внуци и да го уживаат пензионерскиот живот, дозволија да овие луѓе бидат на улици за да ги бараат своите права, порача Ленче Симовски.

Досега, пет недели по ред, тетовските пензионери се собираат пред објектот на Здружението на пензионери каде јавно ги истакнуваа нивните барања. Пензионерите од Тетовско најавуваат дека ќе одат и на протестот во Скопје што е закажан за 20 септември доколку не се случи линеарното зголемување на пензиите.