Шефот на службата за итни случаи во Светската здравствена организација, Мајкл Рајан денеска ги повика земјите да бидат крајно внимателни при укинување на епидемиолошките ограничувања со цел „да не ги изгубат постигнатите резултати“.

Апелите на Рајан доаѓаат во време кога Англија, домаќинот на финалето на Европското првенство во фудбал, се подготвува да укине многу ограничувања на 19 јули, европските земји да ги ублажат ограничувањата за патувања, а индиските држави да го олеснат карантинот, и покрај натамошното ширење на делта мутацијата низ целиот свет.

Рајан истакна дека иако секоја нација мора сама да одлучи, поединците, вклучително и невакцинираните, мора да преземат лична одговорност да се заштитат себе си и другите, со цел да се спречи болниците повторно да бидат поплавени од пациенти од нов бран на пандемијата.

– Идејата дека сите се заштитени и оти сè е вратено во нормала, мислам дека во моментов е многу опасна претпоставка насекаде во светот, дури и во Европа, изјави Рајан пред новинарите во Женева.

– Бараме од владите во овој момент да не го прокоцкаат сè она што е постигнато, рече Рајан.

Пред најавеното укинување на рестриктивните мерки во Велика Британија, Рајан изрази уверување дека британските научници се „многу свесни за заканата што ја носат варијантите на коронавирусот, особено делта варијантата“ и дека ограничувањата ќе бидат укинати со претпазливост.

СЗО ги повика другите земји, вклучувајќи ги САД и Швајцарија, да донираат вакцини во програмата Ковакс, наместо да вакцинираат деца на возраст од 12 до 15 години, со што ќе се обезбеди пристап до вакцините на здравствените работници и постарите граѓани во неразвиените, посиромашни земји.