Погребот на британскиот принц Филип, сопругот на кралицата Елизабета, кој почина вчера на 99 годишна возраст ќе се одржи на 17 април, следната сабота, во 15 часот, по британско време, соопштија од Бакингамската палата.

Погребот ќе биде свечен и организиран според последните желби на принцот Филип, но и според поставените ковид правила. Нема да се случи јавно изложување на телото, а наместо тоа, посмртните останки на принцот Филип, војводата од Единбург ќе бидат поставени во приватна капела во замокот Виндзор.

Од приватната капела, ковчегот со „ленд ровер“, кој му беше омилен на принцот, ќе биде преместен во капелата „Сент Џорџ“, а ќе биде придружуван од припадниците на вооружените сили.

Низ целата територија на Велика Британија денес се одржа почесна стрелба во чест на смртта на принцот Филип, а прогласена е и осумдневна жалост. Британците веќе започнаа да тагуваат по принцот, при што започна масовното оставање на цвеќе и пораки наменети за него.

„Иако е ова време на тага и жалост, во следните денови ќе имаме можност да одбележиме еден исклучителен живот“, изјави портпаролот на дворецот.