Судско обвинителскиот систем е пример за заробено судство во кој има некои кои се слепи послушници на СДСМ и ДУИ, решението е целосна реформа и департизација. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на пратеничко прашање за состојбите во правосудството и Академијата за судии и обвинители.

Мицкоски вели дека од страна на судскиот совет и советот на јавни обвинители се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители. Нешто што досега не е запаметено.

„Имаме демократски избрана власт со повеќе од 600.000 гласови, а од друга страна има неколкумина во судската власт кои се слепи послушници на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Отприлика вака функционира нашиот судско-обвинителски систем“, посочи Мицкоски.

Рече и дека за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите, Судскиот совет ја избрал Антоанета Димовска, сестра на поранешната пратеничка на СДСМ Снежана Калевска Ванчева.

„Таа е избрана од страна на Судскиот совет за член на управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители и тоа е спротивно на закон, бидејќи не е од редот на судиите, односно е член на судскиот совет, што претставува избрана или именувана функција и не смее истовремено да врши функција во орган на управување, како што е УО на Академијата за судии и јавни обвинители. Има судир на интереси“, посочи Мицкоски и дополни дека за нејзин заменик е назначена Емел Кранли, прва братучетка на Ветон Кранли – љубител на монети и близок соработник на Оливер Спасовски кој своевремено го назначил за началник на оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ.

Исто така, вели Мицкоски, за член на УО во Академијата од редот на јавните обвинители, Советот на јавни обвинители ја назначил Душица Димитриеска, мајка на Ема Нешкоска, инаку актуелен член на Советот на Општина Гостивар од СДСМ и кандидат за пратеник на пратеничката листа од истата партија во изборна единица 6 на последните парламентарни избори.

Мицкоски истакна дека секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш веднаш излегуваат експерти, кои долги години биле послушници на СДСМ и ДУИ, да ги бранат позициите дека тоа не може да се направи.

Според премиерот, решението и натаму е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, затоа што ако вака продолжи следниот извештај на ЕК нема да биде ваков, туку ќе биде негативен.