Во петтиот економски пакет нема да има платежни картички како директна помош која ќе се влее во џебот на граѓаните, туку Владата планира да продолжи со мерката за издавање ваучери за туризам. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека петтиот пакет има нов пристап и дека една од најголемите мерки ќе биде бришење на каматни  долговите на најмалку 180 илјади граѓани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прашањето околу стравот на претприемачите дека Владата може да го укине субвенционирањето на платите и да даде бескаматни кредити за компаниите, рече дека субвенционирањето на платите треба да остане, но како што додава, Владата нема пари.

Вицепремиерот пак, Битиќи, тврди дека никогаш не било кажано оти субвенционирањето ќе прекине, туку дека се дискутира за моделот за поддршка на компаниите.

Петтиот пакет мерки сѐ уште не е презентиран. Беше најавено дека неделава ќе биде постигнат консензус, но вицепремиерот вели дека сѐ уште се во тек разговорите со разни актери. Верува дека веќе кон средината на следната недела ќе бидат промовирани сите мерки од петтиот пакет, кој ќе тежи од 50 до 60 милиони евра како директни буџетски импликации, а фискалните импликации пак, како што вели, ќе достигнат и до 150 милиони евра.