Климатските промени ќе ја прошират областа на тропските циклони, изложувајќи милиони луѓе на разорната моќ на овие бури, тврди новата студија објавена во списанието Nature Geoscience.
Во моментов, овие циклони или урагани се случуваат најмногу во тропските предели северно и јужно од екваторот. Но, научниците велат дека зголемените температури ќе овозможат овие временски катастрофи да се формираат на географски широчини што се протегаат многу подалеку од тропските предели. Конкретно, би можеле да бидат погодени градови како Њујорк, Пекинг, Бостон и Токио.
Научниците кои беа дел од истражувањето велат дека нивните резултати покажуваат дека до крајот на векот веројатно ќе се појават циклони на поширока област отколку што беше случај во последните три милиони години.
Кога суптропската бура Алфа стигна до Португалија во септември 2020 година, релативно малата штета што ја предизвика не привлече внимание. Но, за научниците тоа беше значаен настан.
– Ова досега не сме го виделе. Тоа беше традиционална бура која се случува на овие простори, но како што ослабна, се создадоа соодветни услови за појава на тропски циклон, а тоа се уште не се случило во Португалија, изјави др. Џошуа Студхолм, физичар на Универзитетот Јеил.
Студхолм е водечки автор на оваа нова студија која предвидува дека потопла клима ќе овозможи формирање на повеќе такви бури во географските широчини каде што живее мнозинството од светското население и каде што се одвива најголемиот дел од економската активност.
Проблемот со порастот на температурите
Тој објасни дека како што светот станува потопол, температурната разлика помеѓу екваторот и поларните региони се намалува, што ќе влијае на протокот на воздух.
Во нормални околности, овие „воздушни реки“ на големи надморски височини служат како еден вид ураганска ограда, држејќи ги поблиску до екваторот.
– Како што се загрева климата, овој тип на проток на воздух што се јавува на средна географска ширина ќе ослабне, а во поекстремни случаи дури и ќе се одвои, што ќе овозможи формирање на циклони надвор од тропските предели.
Прашањето за влијанието на климатските промени предизвикани од човекот врз појавата на урагани до неодамна предизвикуваше многу контроверзии, но неодамнешните истражувања покажуваат дека врската станува се појасна.
Минатиот август, Меѓународниот панел за климатски промени го објави првиот дел од својот извештај, кој има шест проценки и се занимава со потоплите клими.
Кога станува збор за ураганите и тропските циклони, авторите велат дека е безбедно да се каже дека човечкото влијание врз нив е значително зголемено.
– Скалата на интензивните тропски циклони, просечната брзина на ветерот на тропските циклони и максималната брзина на ветерот на најинтензивните тропски циклони ќе се зголемат на глобално ниво со растот на глобалното затоплување, велат од IPCC.
Новата студија објавена во средата користи поразновидни докази за да тврди дека тропските циклони најверојатно ќе се појават на поширока област во иднина отколку што се мислеше.
– Јасно ги поврзавме процесите кои се случуваат во самата бура и промените во атмосферата на планетарно ниво, вели др. Студхолм.
Опасност за светот
Веројатното проширување на овие бури претставува значителна закана за светот, особено кога се земаат предвид другите влијанија на затоплувањето.
– Невремето на подрачјето на средни географски широчини може да доживее значителни промени, како што е количината на дожд, рече др. Ган Џанг, поранешен вработен на Универзитетот Принстон кој не бил вклучен во ова истражување.
Авторите на студијата предупредуваат дека ваквиот тек на настаните и ширењето на тропските циклони во други области не се неповратни и дека драматичното намалување на емисиите на јаглерод во следната деценија може да ја промени ситуацијата.
– Разликата во сценаријата во кои емисиите ќе бидат помалку или повеќе драматични. Тоа може да биде многу важно кога се во прашање ураганите, пишува Би-Би-Си.
Во резолуцијата усвоена оваа година, европратениците рекоа дека се сè поранливи на растечкото влијание на климатските промени и интензивирањето на природните катастрофи. Тие веруваат дека ЕУ треба да го олесни и забрза користењето на помошта од Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) за регионите погодени од катастрофи.
Извор: Енаука